Премиерот се оградува од Груев и од Делчев
И Жарко Башевски и Кабинетот на Груевски демантираат дека Томе Серафимовски ги видел коњаниците пред лиење
Катерина Богоева
„Не се точни изјавите дека академикот Томе Серафимовски дошол кај мене на ревизија додека сум ги работел скулптурите на Даме Груев и Гоце Делчев. Дава оцени врз аматерска фотографија на макета од педесетина сантиметри, а коњаниците не ги ни видел во природна големина“, ги демантираше вчера скулпторот Жарко Башевски, изјавите во медиумите на академик Серафимовски, за изгледот на неговите две скулптури кои треба да бидат поставени на плоштадот во Скопје.
Тој вели дека треба да се почекаат скулптурите да дојдат од Италија каде се на лиење, а потоа да се коментира. Вели дека е изненаден од целиот „случај“ кој го смета за личен атак, искористен како политички удар. „Не е добро за целата скулпторска фела ова што се случува во Македонија. Градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, нема видено буквално ништо, дојде на функцијата неколку месеци откако скулптурите беа однесени во Италија, а дава оцени за нивниот изглед“, ни изјави вчера авторот на делата, за чиј што несоодветен изглед, деновиве во медиумите беа пренесувани изјави не само на Томе Серафимовски, туку и на премиерот Никола Груевски и на актуелниот градоначалник на Центар.
И Кабинетот на премиерот вчера упати демант за како што ги нарече „објавените низа невистини и шпекулации во медиумите поврзани со изградбата на споменици кои се во надлежност на Општина Центар, а во кои е споменат премиерот Никола Груевски“. Кабинетот посочува дека пред неколку месеци, во разговор помеѓу премиерот и Серафимовски, академикот дал одредени квалификации за некои од ангажираните вајари за нивна изработка, по што по предлог на премиерот, се согласил да ги види делата во изработка и да даде свое мислење, инсистирајќи целиот процес да се одвива во координација со премиерот и општината Центар, но и со него да дојдат и академик Цветан Грозданов и скулпторот Петар Хаџи Бошков, што било и прифатено.
„При посетата на работилницата, спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев веќе беа испратени во леарницата во Италија, така што Серафимовски не можеше да ги види за да ги оцени, а уште помалку тоа да го направи премиерот, како што невистинито се наведува во дел од медиумите. Во тој момент беше во почетната фаза од изработката споменикот на Свети Кирил и академиците ги дадоа своите мислења и забелешки по однос на тоа започнато дело на истиот професор кој ги изработи спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев. Не сакајќи да навлегуваме во личните релации и евентуалниот анимозитет на професорот кој сега го работи споменикот на Свети Кирил и на академикот Серафимовски, важно е да се забележи дека академик Серафимовски за останатите споменици даде помали забелешки и сугестии, а за некои од вајарите и самиот даде високи оценки. Потенцираме дека не е точно дека премиерот правел било какви забелешки и корекции на спомениците, што може да го потврдат и самите автори на делата. Не е точно дека премиерот бил во просториите на МАНУ на средба со академикот Серафимовски. Не е точно дека за изградба на спомениците се ангажирани просечни или слаби вајари, или дека делата се со грешки, како што невистинито се наведува во определени медиуми. Жалиме што академик Серафимовски има лошо мислење особено за некои од авторите, за што почувствувал потреба дури и јавно да нападне некој од нив дури и пред да ги види делата конечно завршени. Академикот Хаџи Бошков, пак, тој ден не даде никаков коментар, а подоцна академик Серафимовски информираше дека Хаџи Бошков е вајар во друга област и дека не сака да учествува во давање свое мислење за деталите на спомениците во друга област на вајарството - реализам“- стои меѓу другото во упатениот демант, каде се наведува и дека проектот за изградба на спомениците го води Општина Центар, а со посетата на академик Серафимовски (чии мислења биле прифатени во поголем дел како совети од дел од ангажираните вајари), премиерот сакал да слушне и други мислења на познат скулптор“.
Кабинетот на премиерот на сите заинтересирани лица за давање на јавна критика им препорача пред да го дадат својот критичен став, да ги видат делата откога ќе бидат довршени, за случајно да не се доведат во непријатна ситуација по нивниот професионален имиџ и професионална репутација, искрено жалејќи што демантираните написи „имаат тенденција за целосна дискредитација на овие проекти“.
Градоначалникот на Центар, вчера пак изјави дека непотребно се создава негативен амбиент во јавноста околу скулптурите, потенцирајќи дека тие се одобрени од еминентни комисии во кои членувале Васил Василев, Гоце Нанески, Паско Кузман, Зоран Тодоровски, Никола Фидановски и Глигор Васков. А дел од скулпторите кои исто така се вклучени во проектот, посочија дека нивните дела биле оценувани во фаза на поставка, но и пред лиење. „Ова за прв пат се случува кај нас, ваков тип на стручна ревизија на дела што веќе биле комисиски одобрени“, изјави скулпторот, професор Жарко Башевски.
За ликовниот критичар Владимир Величковски, новонастаната збрка околу идните скулптури во која политичарите даваат јавно свои мислења за нивниот иден изглед, ја смета за сложен проблем настанат поради несоодветен стручен третман на проектот од самиот почеток.
„Требаше да бидат вклучени потврдени стручни лица во своите области, бидејќи се работи за единствен проект по обем и амбиција во целокупната историја на македонската модерна уметност. Се крева невидена прашина околу проектот, а најмалку се говори за уметничката вредност на делата“.
|