Михаил Ренџов втор пат ја доби наградата „Григор Прличев“
Автор на наградената поема „Предвесница“ е истакнатиот македонски писател Михаил Ренџов
Поетот Михаил Ренџов е автор на поемата „Предвесница“, која ја освои наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема на македонски јазик во 2009 година, соопшти редакцијата на „Детска радост’“.
Ракописот е испратен на Конкурсот под шифра „Веда“ и по вчерашното објавување на одлуката на жирито и на наградениот труд, Ренџов денеска се јавил во редакцијата на „Детска радост“, која ја доделува наградата заедно со Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.
Тој еднаш веќе ја има добиено наградата „Григор Прличев“, а оваа, за 2009 година, ќе му биде врачена во февруари, во рамки на книжевната манифестација „Прличеви беседи“ во Охрид. Таа се состои од објавување на книгата и паричен дел од 1.500 евра.
На Конкурсот за наградата за најдобра поема во оваа година пристигнале 22 ракописа со исполнети критериуми за учество, а одлуката „Предвесница“ да биде прогласена за најдобар од нив ја донесе тричлено жири - академик Витомир Митевски (претседател) и Сузана В. Спасовска и Владимир Мартиновски, членови. „Во композициски план, таа претставува една заокружена целина во која се препознава суверено водење на наративната нишка. Во однос на јазикот и стилот, констатирана е рамномерност, урамнотеженост, а поемата се издвојува и по вештата и доследна примена на фонетските стилски фигури со што се постигнува впечатлива ритмичност и еуфоричност“- истакнува во образложението на одлуката жири комисијата. За изборот на овој ракопис влијаела и неговата тематика која, како што појасни жирито, кореспондира со архаичните митски слики од традицијата на епското создавање.
Лауреатот на наградата по повод добиеното признание ни изјави: „Анонимните конкурси за мене се предизвик. Голем број од наградите што сум ги добил се добиени на анонимен конкурс, зашто тоа покажува сепак дека вредносните критериуми на некој начин се почитуваат. И овој пат влгов во ризик, конкурирав и како што веќе гледате, се повтори 1993 година, кога ја добив за прв пат наградата ’Григор Прличев‘. Морам да речам дека сум среќен зашто по втор пат моето име се поврзува со оној за кого напишав: ’Нервик, немирник, небесник‘, а тоа е најдаровитиот македонски поет Григор Прличев.“ (Н.П.)