Неизвесно снимањето на филмот „Синатра“ на Скорсезе
Сценариото на новиот филм посветен на Френк Синатра ги скара Мартин Скорсезе и извршната продуцентка Тина Синатра
Сунчица Уневска
Новиот филм на Мартин Скорсезе „Синатра“, чие снимање веќе требаше да започне, е одложен поради несогласување на семејството на легендарниот пејач и актер Френк Синатра, кој дефинитивно го одбележа 20 век. Но, она што е интересно е фактот дека овој филм Скорсезе го подготвуваше заедно со неговата ќерка Тина Синатра, која е извршен продуцент, па сепак, до негово стопирање дојде токму поради тоа што на Тина Синатра, една од трите ќерки на Френк, не и се допаѓа сценариото кое го напиша Фил Олден Робинсон.
Според „Њујорк пост“ проблемот е во тоа што Скорсезе сака да биде искрен и жесток, и отворено да го покаже вистинскиот карактер и начин на живеење на Френк, кој од него создаде еден вид мит. А тоа значи дека Скорсезе сака да ја покаже и неговата темна страна, поврзаноста со организираниот криминал, насилството, заведувањето на старлети и врските со мафијата. Додека Тина Синатра сака овој филм да ја покаже позитивната страна, сака да покаже дека нејзиниот татко бил голем човек и направил и многу големи работи, и пред се' да се фокусира на музиката и на неговите филмски улоги за кои, како што вели Тина, има многу што да се каже.
Мартин Скорсезе на сето тоа вели дека Синатра ја задолжи американската, но и светска филмска и музичка култура и дека тој е таква легенда која заслужува чесен и искрен филм. Необичното е дека тоа го сака и Тина Синатра, само што за неа чесен и искрен филм значи да се зачува угледот на нејзиниот татко кој тој, како што нагласува Тина, го оставил зад себе. Но, факт е дека не може да се направи за некого сериозен филмски портрет ако не се претстави целосно неговата личност. А јавна тајна е животот на Френк Синатра за кого тогаш се пишуваше премногу и за кого, како што велат, во ФБИ има досие со над 2.000 страници.
Со други зборови за Френк Синатра се знае речиси се' и невозможно е сето тоа да се пренебрегне и да се прикаже само неговата „мека“ страна. Создадени се митови околу тоа како Френк Синатра ја добил улогата во легендарниот филм „Од овде до вечноста“, кој му го донесе и „Оскарот“ за споредна улога. Потоа неговата поврзаност со доаѓањето на Џон Кенеди на власт, па ликот на пејачот Џони Фонтејн во филмот „Кум“ на Копола, кој како што велат е направен токму според Френк Синатра. Она што е интересно е дека Синатра негодувал многу поради оваа улога и дури жестоко се карал со Копола и со авторот на романот Марио Пузо, но не поради тоа што тука е прикажана неговата поврзаност со мафијата, туку заради тоа што во една сцена од филмот Џони Фонтејн плаче.
Како што пренесуваат холивудските весници, неговата друга ќерка Ненси Синатра, со која тој заедно пееше, реагира сосем поинаку. На прашањето до неа што мисли за реакцијата на Тина Синатра и за тоа дека го стопирала снимањето на филмот на Скорсезе, Ненси вели дека нејзиниот татко на сето тоа би се смеел, би одмавнал со раката и би рекол: „Ма пуштете ги нека прават што сакаат“.
Факт е дека сме гледале многу документарни филмови за Синатра во кои до детали е раскажано се' за неговиот живот. Познато е дека тој бил близок со познатите мафијаши Сем Џанкана и Лаки Лучијано, а впрочем и неговата прва сопруга Барбара била роднина на мафијашот Вили Морети, кој бил во тесна роднинска врска со кумот Френк Костело, според чиј лик Марио Пузо го напиша „Кум“. Интересно е дека Тина Синатра има работено на телевизиска серија на ХБО за нејзиниот татко, во која без ограничувања е прикажан неговиот живот, но таа тогаш не се противела на тоа. Дури Скорсезе и Тина самите барале да работат заедно.
Но, сега за сега целиот овој проект е стопиран. Неговото продолжување се најавува за 2010 година, иако не е многу јасно како. Имено, Скорсезе вели дека не отстапува и дека тој овој филм ќе го снима кога-тогаш. Додека Тина исто така вели дека не е задоволна од аголот на оваа приказна и дека нема да се согласи со тоа да бидат потенцирани темните страни и недостатоците наместо големите работи кои ги направил нејзиниот татко. Сето ова предизвика потсмев и многу коментари дека она што го бара Тина никој нема да го гледа. Дека ако некој сака да ја слуша музиката на Синатра или да ги гледа неговите филмови може тоа да го направи купувајќи цедеа. Некои дури велат дека таква содржина како што сака Тина, да се говори за музиката и филмот е повеќе за цртан филм отколку за сериозно филмско остварување.
А факт е дека токму тоа за кое говори Скорсезе и создаде мит од Френк Синатра. Не случајно авторот на култните филмови „Таксист“, „Добри момци“ или „Разјарениот бик“, одлучил филмот за Синатра да го започне од неговиот 45 роденден, односно од 1960-тите години. Имено, тие возбудливи и исклучителни години и се' што тогаш се случуваше е клучно за да се претстави ликот на Синатра и како што се вели, да се долови неговата митологија. Затоа и Скорсезе не отстапува од својата идеја, иако во сето ова има уште еден камен на сопнување.
Станува збор за тоа кој ќе го игра Френк Синатра. Тина сака тоа да биде нејзиниот пријател Џорџ Клуни, но тоа од страна на Синатра и на продуцентската куќа „Менделеј пикчрс“ е одбиено. Иако и меѓу нив има несогласување. Додека Скорсезе сака Синатра да го игра неговиот омилен актер Леонардо ди Каприо, продуцентската куќа и студиото „Универзал“, кое сака да ги купи правата за песните на Синатра, сака да го ангажира Џони Деп. Тие оваа одлука ја образложуваат со со тоа дека Деп е најголемиот музичар меѓу филмските актери.
Како и да е, проектот „Синатра“ сега за сега е одложен. А Скорсезе можеби многу и не се грижи околу тоа со оглед на фактот што моментно работи на многу проекти. За оваа година е најавено излегувањето на криминалната драма „Шатер Исланд“, за следната документарецот за Џорџ Харисон и филмот „Тишина“, за двајца езуитски свештеници кои патуваат во Јапонија, додека во 2011 треба да излезат „Подемот на Теодор Рузвелт“ и како што се надева, „Синатра“. И ние се надеваме дека ќе успее да победи, бидејќи другото и навистина не би имало смисла, особено не онака како што тоа умее да го направи Скорсезе. А доброто е што Скорсезе неуморно работи и што во наредниов период од него можеме да очекуваме уште многу нови нешта.
|