Свечено отворање на новите депоа во Кинотеката
Денеска во 12 часот во Кинотеката на Македонија министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска свечено ќе ги пушти во употреба новите депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра. Новите депоа се изградени во сутеренот на зградата на Кинотеката и тоа како прва фаза од капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура на Македонија за обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци, каде што нашата респектабилна филмска архива конечно целосно ќе биде сместена онака како што треба.
„Со новите депоа за чување на аудиовизуелни добра Кинотеката за првпат во своето 35-годишно постоење се стекнува со оптимални услови за чување на национална продукција, со депоа кои се изработени според сите стандарди за чување филмови препорачани од светската асоцијација на филмски архиви ФИАФ“, велат од Кинотеката.
По отворањето на депоата во киносалата на Кинотеката ќе се одржи и презентација на најзначајните филмски материјали кои ги поседува Кинотеката, и тоа снимките на браќата Манаки и „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков, во пијано-придружба на Дарко Мариновски. Во 13,30 ќе биде отворена изложбата „Движење“ на Роберт Јанкуловски, а пладневната програма ќе заврши со настапот на групата „Чалгија саунд систем“. Додека, вечерта во 20 часот програмата ќе продолжи со презентација на уште филмски материјали, овој пат со проекција на „Македонски филмски прегледи“ снимени во периодот од 1947 до 1951 година. Влезот е бесплатен. (С.У.) |