Македонските куглари без медал од СП
Медалот остана недостижна цел за македонските куглари на Светското првенство што ќе заврши денеска во германскиот град Детенхајм. Превисока беше пречката што мораше да ја прескокнат, домаќинот и еден од фаворитите за златото Германија, од која загубија со 6:2 во стартот од четвртфиналната група Ф. Со тоа Македонија и теоретски ги загуби шансите за полуфинале, па синоќешниот последен натпревар со Франција решаваше само за тоа кое место меѓу петтото и осмото ќе и' биде конечен пласман на шампионатот.
Кугларите во жолто-црвени дресови со аплауз беа испратени од 550 френетични домашни навивачи по гестот на Борис Бенедик, кој настапува за Рот-Вајс Цербст и кој се прегрна со своите спортски пријатели од германскиот тим по средбата.
Бенедик беше дел од последниот тандем заедно со младиот Бранко Манев, чии порази го решија натпреварот што дотогаш беше целосно израмнет: 4:4 во меч-поени, 8:8 во сетови и 2545:2545 во соборени дрва! Сопственикот на досегашниот светски рекорд (698), кој потраја нецела седмица пред Вилмош Заварко од Србија да стане првиот куглар што ја досегна магичната граница од 700 соборени дрва, по малку неочекувано загуби од Јирген Цајтлер со 668:639, а Манев и Виктор Николовски заедно беа поразени од Тимо Хофман со убедливи 649:590.
На ваквиот расплет му претходеше крајно драматично надигрување, кое го отвори Костадин Манев со минималната победа над Торстен Рајзер од 639:638, додека Димитар Димитровски во рамките на таа прва тура загуби од Маркус Гердау со 642:605.
Нерешено остана и по втората тура, во која Урош Стоклас беше изненаден од Томас Шнајдер со 646:630, а Дамир Фучкар го „прегази“ Карстен Хајзлер со 671:619, по што Германците имаа повеќе нерви во битката за полуфиналето.
„Панцирите“ во мечот со „фаворитот во сенка“, за каков што го сметаа македонскиот состав, соборија вкупно 3862 дрва наспроти 3771 на Македонија. (Р.Д.) |