Eнтони и Билапс ги уништија Лејкерси на нивен терен
Јунаците на победата на Денвер постигнаа 61 кош во „Стејплс центар“ за 106:103
Кошаркарите на Денвер нагетс славеа со 106:103 против Лос Анџелес Лејкерс во „Стејпл центар“ во вториот меч од западното конференциско финале и израмнија на 1:1 во серијата подобар до четири. Ова е прва победа на Денвер против Лејкерси во доигрувањето од 1985 година, прекинувајќи ја серијата од 11 порази во низа.
Како и првиот натпревар, и вториот беше одлучен во последните минути, но овој пат победата отиде на страната на гостинскиот состав. При резултат 101:101 на 29 секунди пред крајот на мечот Кенион Мартин реализираше полагање, а во наредниот напад Тревор Ариза загуби топка, а Дерек Фишер го фаулираше Чонси Билапс, кој ги погоди двете слободни фрлања за водство на Денвер од 105:101.
Гасол ја врати надежта на домашните со две погодени слободни фрлања на седум секунди пред крајот, а во следниот напад на линијата за слободни фрлања се најде Билапс, кој погоди само едно за водство од 106:103. Лејкерси за шут имаа уште четири секунди, но обидот на Дерек Фишер беше неуспешен, што беше знак за славење на гостите.
Јунаци на победата на Денвер беа Кармело Eнтони со скор од 34 поени и девет скока и Билапс кој додаде 27 коша и 4 асистенции. Двоцифрени кај гостите беа Кенион Мартин и Линас Клејца со по 16 поени. Кармело Eнтони со 34 коша на овој натпревар е првиот играч на Денвер од 1976 година кому му успеало да постигне 30 и повеќе поени во пет натпревари во низа во доигрувањето. Кај Лејкерси најефикасен беше Коби Брајант со 32 коша, Тревор Аризо постигна 20, а Гасол 17 коша и исто толку скока.
|