Септември ќе донесе ладење на цените во мобилната телефонија
Намалување на малопродажните цени во мобилната телефонија се очекува од септември, најавија вчера од Агенцијата за електронски комуникации. Ова паѓање на цените треба да произлезе од наметната обврска операторите да ги намалуваат големопродажните цени на конекциските Интернет-договори за 15 отсто во наредните три години.
„Ние ги регулираме големопродажните цени, па нормално е кога имате помал големопродажен трошок, да можете да имате поголем слободен простор за да се борите на пазарот. На операторите останува дали ќе се борат преку цените, преку квалитетот. Меѓутоа и очекуваме тоа да се рефлектира врз малопродажните цени“, рече на вчерашната прес-конференција Марјан Пејовски од АЕК.
Намалувањето на цените во телефонијата е логична последица и на конкуренцијата што владее во овој сектор, која, пак, ги шета граѓаните од еден оператор до друг. Така, во однос на конкурентноста на пазарот на електронски комуникации, истражувањето кое АЕК го направи во јули на вкупно 1.100 испитаници, покажало дека граѓаните се, генерално, задоволни од услугите што ги нудат телефонските оператори и Интернет-провајдерите, но се' почесто се одлучуваат за корисничките пакети.
„Во мобилната и во фиксната телефонија се' уште постои ценовна сензитивност, односно се зголемува бројот на корисници што го менуваат операторот. Слична е состојбата и со Интернет-корисниците, тие го добиваат предвиденото количество и брзина на податоци, но зголемен е бројот на оние што преминуваат од еден провајдер на друг “, додаде Пејовски.
Според АЕК, во Македонија се регистрирани 1,9 милиони корисници на мобилни телефони или 95 отсто од населението, 419.795 корисници на фиксна телефонија и над 200.000 Интернет-корисници.
Главен мобилен оператор се' уште е „Т-мобиле“, во однос на провајдерите водечки е „Т-хоум“ пред „Оне“, „Телекабел“ и „Кајблтел“, а од Интернет- пристапот најдоминантен е АДСЛ, по кој следуваат кабелскиот и безжичниот или Интернетот преку мобилен телефон.
Според истражувањето на АЕК, претплатниците на фиксна телефонија во просек зборуваат по 195 минути месечно, 135 минути во сопствената мрежа, 42 минути кон други фиксни мрежи, 13 минути кон мобилни и само пет минути кон странство.
На мобилен телефон, вклучувајќи ги сите три оператори, се зборува во просек 105 минути месечно или 91 минута во сопствена мрежа, 11 минути кон други мобилни мрежи, две минути кон фиксни мрежи и само една минута кон мрежи во странски држави.
Во врска со постапката за четврт мобилен оператор, како што информира Агенцијата, слободни фреквенции има, но не и заинтересирани инвеститори.
„Агенцијата неколку пати објавуваше тендери за 3Г, но немаше пријавени за нивно користење. Моментно таков тендер не е објавен, што значи дека фреквенциите остануваат слободни. Ако се појави заинтересиран инвеститор, Агенцијата ќе излезе во пресрет“, додаде Пејовски. (А.С.) |