Извозот на земјоделски култури од Гевгелиско зголемен за 40 отсто
Гевгелија - Во првите седум месеци од годината извозот на земјоделски градинарски производи од Гевгелиско е зголемен за 41,6 отсто во однос на истиот период лани.
На граничниот премин Богородица во изминатиот период од годината вкупниот извозен биланс на градинарски култури изнесува околу 12.000 тони. Најголем дел се домати - 8.500 тони, кромид - 1.400 тони, краставици - 1.300 тони и пиперки - 320 тони.
Најголем извозен пораст е забележан кај кромидот - 66 проценти и кај доматите - 60 отсто, додека извозот на краставиците и на пиперките бележи опаѓање за 22,7 проценти, односно за 4,3 отсто.
Извозот на доматите и на кромидот е зголемен поради зголеменото производство на овие култури по отворањето на новите пластеници на шест хектари, сопственост на фирмата „Ба-Џо“, која е најголем производител на раноградинарски производи во регионот. Опаѓањето на извозот на краставиците и пиперките, пак, е последица од минатогодишното невреме кога снегот ги урна пластениците и го згмечи расадот, кој притоа замрзна. Штетите не беа навреме санирани, ниту обесштетувањето е исплатено поради што земјоделците не беа во можност да ги обноват насадите.
И годинава најголеми увозници на гевгелискиот зеленчук се Србија, Бугарија, БиХ и Косово. (МИА) |