Центарот на Грција ја голта економијата
Од криза е погодена цела Грција, но на северот се чини последиците се чувствуваат повеќе. Како што пишува „Ноје цирихер цајтунг“ (НЦЦ), за главни виновници за таквата состојба се посочуваат структурното запоставување на регионот и инвестициска политика што се концентрира на Атина.
„Невработеноста во северна Грција со години е над просекот во земјата. Многу гастарбајтери во западноевропските земји потекнуваат од северот на Грција. Во 90-тите години на минатиот век, регионалниот домашен бруто-производ на Солун и на регионот се' повеќе му се доближуваа на националниот просек, но тогаш дојдоа Олимписките игри. Со нив и инвестициите, како јавните, така и приватните, се префрлија во регионот на Атина, вели потпретседателот на грчката индустриска и т��говска комора, Емануил Влахојанис. Според една студија направена по налог на комората, кризата во северна Грција е веројатно толку голема, поради тоа што регионалната политика во првата половина од деценијата е многу запоставена.
„Немаме стопанска гранка што може да биде локомотива“, вели Влахојанис. Традиционалните индустриски гранки на северот, како што се текстилната и прехранбената индустрија, се ставени во силна конкурентска борба со Блискиот и со Далечниот Исток. Влахојанис, како трговец со текстил, ја познава оваа бранша посебно добро. Преселбата на текстилната индустрија е долгогодишен тренд во Грција. Речиси сите претпријатија произведуваат, а понекогаш се и со седиште во Република Македонија или во Бугарија“, се вели во текстот на „Ноје цирихер цајтунг“.
Весникот ги пренесува критиките на пратеникот Илијас Теодоридис од изборната единица Пела, кој вели дека неопходната регионализација на земјата може да се спроведе тогаш кога централизираната држава веќе не би располагала со средства од ЕУ. Централното управување со овие средства произведе „неевропски“ клиентелски систем, кој сега ја мачи Грција, констатира весникот и продолжува: „Друг проблем на северот е што законите за поттикнување на инвестициите се исти за Атина и за Солун. Истите даночни поволности и субвенции важат за двата града и за нивната околина, па многу фирми се решаваат за Атина“. (Дојче веле) |