МАГАЗИН
Со годините замина жестокоста
Повторното раѓање на култниот бенд „Продиџи“ на „Егзит“ значи и нивните нови проекти и настапи
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
„Продиџи“ имаше свој феноменален настап во рамките на годинешниов „Егзит“, како што и прилега за ѕвезди од таков калибар. На главниот стејџ, тие со репертоарот распалија со хитовите од актуелниот нов албум, но, секако, не беа заборавени ниту старите хитови, кои публиката со нетрпение чекаше да ги слушне. Иако злобниците велат дека „Продиџи“ неколку пати доаѓа и нема некаква посебна ексклузивност со која може да се пофали, сепак, мора да се напомене дека насобраната публика беше вистински гладна и жедна за агресијата во нивната музиката.
Инаку, за оние што не знаат, „Продиџи“, фактички, е пионер на т.н. биг-бит електронски жанр и е формирана во 1990 година околу креативното јадро, односно Лајам Хаулет, во Есекс, Англија. Покрај Фетбој Слим и Кемикал Брадерс, тие се знаменосците на овој жанр и успеаја во 90-тите години да се наметнат како врвен мејнстрим, возејќи се на своите токсични и агресивни хитови и динамични настапи. Продале над 17 милиони копии од својата музика низ целиот светот, а опфаќаат огромна публика која не е таргетирана само околу биг-битот, туку нивното кокетирање и со рејв, хардкор, индустријал и брејкбитови им донесе навистина широки симпатии насекаде низ светот. Препознатливи секогаш по својот екстравагантен изглед и трансформации, групата „Продиџи“ е составена од творецот Лајам (кој компонира и свири клавијатури), Кејт Флинт (танчар и вокалист) и Максим Ријалити, кој е вистинскиот МС и шоумен. Ги напушти Лирој, препознатливиот елемент на „Продиџи“, кој беше одличен танчар и калвијатурист до 2000 година. Со својата појава буквално ја поместија рејв-сцената во 1990-тите години, а ретко кој не слушнал барем нешто од нивните легендарни хитови No Good (Start the Dance), Voodoo People, Firestarter, Breathe, Smack My Bitch Up, Omen и Warrior's Dance.
Албумот Invaders Must Die
За нив слободно може да се каже дека се еден од прогресивните бендови што ги одбележија 1990-тите години. По четири издадени студиски албуми, оваа година го снимија и петтиот, кој е продукт на креативецот Лајам и харизматичниот шоумен Кејт Флинт. Се' до оваа година, често им се разделуваа патиштата. Па така, Лајам издаде свој микс-албум The Dirtchamber Sessions Volume One, како бенд имаа еден сингл што помина лошо (Baby’s Got a Temper). Едно време и Флинт и Максим го напуштија бендот, па така фактички Лајам беше принуден да издава речиси соло-албум под етикетата на „Продиџи“ - Always Outnumbered, Never Outgunned. Во меѓувреме, по тој неуспешен обид на Лајам за наводно враќање кон корените, се собраа сите повторно, се смирија духовите. Сепак, најтешката задача што претстоеше пред „Продиџи“ беше да се најде загубената врска со музиката, нивните корени и публиката од пред десетина години. Иако се работи за квалитетен материјал, сепак, критичарите им забележуваат дека ја имаат загубена таа агресија и суровост типична од зенитот на нивната кариера и дека пустата желба ги тера да прават само обиди за нумери какви што жареа на времето. На албумот им гостува и Дејв Грол (тапанарот на „Нирвана“ и „Фу фајтерс“, а продуцираа и со Џемс Рашент. Иако се поделени мислењата за последниот материјал, сепак, тоа музика што треба да се слушне и да се вреднува нивниот креативен напор.
Членови на бендот
Мозокот на бендот, Лајам Хаулет, во август ќе наполни 38 години и негова главна професија, освен „Продиџи“, е диџејската работа и продуцирањето во студио. Пред седум години тој беше присутен во жолтиот печат затоа што си одбра славна сопруга, а тоа беше Натали Ејплтон, членката на познатите „Ол сеинтс“. Инаку, пред пет години, Лајам е горд татко на својот син Ејс Били и по тој повод велат дека води смирен живот. Најмногу ужива во својата пасија - сноубординг
Кејт Чарлс Флинт e есктравагантниот танчар и вокалист и човекот што ја носи динамиката на „Продиџи“ на свој грб. Тој е човекот кој отсекогаш предничел во својот чуден изглед, со многу пирсинзи на телото и бројни тетоважи. Тој е неприкосновен вљубеник во моторите и целиот свој живот го поминал на две тркала. Негов голем подвиг е возењето 1.500 милји на релација Англија – Шпанија, а има учествувано и во многу други мототрки.
Кејт Палмер е црномурниот симбол на бендот, а неговото уметничко име е Максим Ријалити. Тој е одличен автор и пејач, а неговата појава ги направи препознатливи видеоспотовите на „Продиџи“, а неговите контактни леќи во боја и килтовите што ги носи се заштитен знак во сите нивни појавувања. Тој има извонредни забавувачки способности и со своите извици секогаш ја крева публиката на нозе. Инаку, во приватниот живот е чиста спротивност – оженет, татко на два сина и една ќерка. |