ТВ ФОТЕЛЈА
Прегазени од времето
Роберт Д. Крстевски
Интервју со Енио Мориконе? Одлично. По цела вечност и Македонска телевизија да понуди нешто ексклузивно. Браво за МТВ, си велам, и жизнерадосно седнувам пред телевизорот за да го проследам разговорот со италијанскиот композитор на филмска музика и диригент од светски глас. Ете добра можност да се дознае нешто повеќе за човекот што ја креира музичката подлога за повеќе од 450 филма, од кои голем дел култни холивудски остварувања, претежно шпагети-вестерни.
И додека со нетрпение ги очекував одговорите на виталниот 82-годишен великан на популарната уметност, кој со својот настап во исполнетиот Антички театар во неделата го означи почетокот на 49. издание на „Охридско лето“, експресно стаса првото разочарување. Во долната третина од екранот се појавија вертикални линии со различна дебелина што укажуваат на технички проблем. Сигурно ќе ги снема набргу, се тешам, и се обидувам да се сконцентрирам на тоа што го зборуваат Мориконе и новинарката.
Во меѓувреме, забележувам и дека бојата на сликата се прелева како кај велигденските јајца вапсани со сомнителна боја од пазар. До мојот телевизор не ќе да е, зашто, да не го фалам, од познат и признат производител е. Да не е до кабелската? Или до МТВ?
Лека-полека заврши и интервјуто, а Мориконе саглам ни го видов ни го слушнав. Важно, сликата на првиот програмски сервис се избистри кога по интервјуто го пуштија телопот со информацијата дека почнала дистрибуцијата на сметките за радиодифузна такса од 2008 година наваму...
На вработените во МРТВ, богами, не им недостига непријатно искуство со техниката со која се принудени да работат. Тоа го потврди и радиоводителот Драган Б. Костиќ при неодамне��ното гостување во НЗС 2 на Канал 5, кога откри дека неговите колеги се принудени врз стари ленти да снимаат нови материјали. На тој начин, вели популарниот диск-џокеј, сакале-нејќеле, свесно уништуваат дел по дел од македонската музичка ризница!?
За дотраеноста и за недостигот од соодветна опрема уште подобро зборува анегдотата од посетата на државната ТВ-куќа на еден тајвански министер и на група новинари по признавањето од Македонија во 1999 година. По приемот во канцеларијата на тогашниот генерален директор Љупчо Јакимовски, високиот гостин запна да види едно од студијата. Неговиот домаќин проба да го убеди дека тоа не е баш добра идеја, но на инсистирање на министеров немаше каде и ги поведе луѓето во студиото. Светнаа рефлекторите, а Тајванецот подзинат од тоа што го виде инстинктивно дофрли: „Интересни музејски експонати. А кога ќе го видиме студиото?“
Не знам зошто, но нешто не ми дава да се насмеам на ова кога ќе се сетам. Ѓаволот одамна ја однесе шегата кога е во прашање Македонска радио-телевизија.
|