Првостепени пресуди за изборни нерегуларности најдоцна до март
Основниот суд во Тетово ја заврши истражната постапка за 60 осомничени
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Првостепени пресуди за изборните нерегуларности од 1 јуни 2008 година во Тетовско ќе бидат изречени најдоцна до март, уверуваат од надлежните правосудни институции. Во текот на овој месец, односно до најавените термини за одржување на локалните и претседателски избори кон крајот на март, по повеќе предмети постапката ќе биде окончана.
Основниот суд во Тетово ја заврши истрагата за над 60 осомничени по 12 кривични пријави за неправилности на вонредните парламентарни изборни нерегуларности. Основното јавно обвинителство веќе поднело обвинителни акти со кои почнува судска постапка. Обвинителството располага со точни информации и конкретни сознанија за секој осомничен поединечно.
Еден случај е окончан и донесена е пресуда во првостепена постапка. Шефкет С. (44) од Камењане е осуден на 18 месеци затвор за кривично дело спречување избори и гласање.
Во Обвинителството во Тетово информираат дека поднеле вкупно 20 барања за истражна постапка и дека по осум предмети постапката е кај истражниот судија. Истражни дејства се окончани и во три случаи за кривични дела неовластено поседување оружје и муниција сторени на денот на вонредните парламентарни избори минатата година и во близина на избирачки места.
Вакви случаи се забележани во Жеровјане, Долно Палчиште и кај ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово.
Обвинителството презело почетни активности и по кривичните пријави за 146 лица што ги иницираше Демократската унија за интеграција и покрај тоа што недостасувале податоци за адреси, но и недоволно утврдени дејства за осомничените. Овие докази се во фаза на прибирање и дооформување на предметите.
Досегашната постапка во судските и обвинителските органи најмногу осомничени има за кривични дела спречување избори и гласање, злоупотреба на избирачко право, уништување изборни исправи и непријавување кривично дело или сторител на кривично дело. За овие случаи биле повикани речиси 200 сведоци.
Најкарактеристични настани од изборите 2008 на кои се случиле инциденти се избирачките места во Камењане, каде што учесниците употребија огнено оружје и ги исплашиле граѓаните кои чекале да гласаат. Пукање имаше и во Вејце, Гургурница, Непроштено, Порој, Долно Палчиште и Боговиње, како и на неколку избирачки места во Тетово, околу зградата на основното училиште „Кирил и Методиј“.
Во изборните прекршоци се вмешани полицајци, претседатели, заменици или членови на избирачки одбори кои, како што е случајот во Земјоделското училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, полнеле гласачки кутии или учествувале во фалсификување или преправање записници од избирачките места. |