Декемвриските пензии пониски поради посмртнината
ПИОМ повторно доби право да ги собира и дели парите од Солидарниот фонд
Пензионерите реагираат дека декемвриските пензии им се помали за околу 300 денари. Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување потврдуваат дека пензиите за декември се пониски, но тоа не значи дека се намалени, туку се пониски поради надоместокот за посмртнина.
„Со декемвриските пензии ПИОМ повторно доби право да одбива пари за Солидарниот фонд, како и за членарината за сојузот, со што вкупно за еден месец се одбива по 140 денари. Од декемвриските пензии се одбиени 280 денари, односно посмртнината и членарина за два месеца - октомври и ноември, кога Фондот престана да одбива за посмртнина за да може да се изврши усогласување“, објаснуваат од ПИОМ. И во јануарските пензии ќе се одбие посмртнина и членарина за два месеца - за декември и за тековниот јануари за да се изврши порамнување.
Од ПИОМ им појаснуваат на пензионерите дека со октомвриските пензии биле известени дека нема да им се одзема од пензии за посмртнина додека не се донесат законски измени со кои ќе се овозможи Фондот, сепак, да може да ги собира и дели парите за посмртнина. ПИОМ одлучи да не одбива за посмртнина откако Уставниот суд оцени дека е неуставно ПИОМ да ги собира парите и да ги исплаќа, зашто тоа се пари на пензионерите. По ова, Министерството за труд и социјална политика во консултации со пензионерите направи законски измени кои беа усвоени во декември во Собранието. Со тие измени повторно се создаде можност парите за посмртнина да ги собира и исплаќа ПИОМ со согласност на пензионерите. Со таа разлика што Сојузот на пензионерите треба да формира посебно тело кое ќе одлучува за висината на надоместокот за посмртнина што ќе му се одбива на секој пензионер, како и за висината на посмртнината што ќе се исплаќа. (Ј.Ј.) |