СТРУМИЦА - Стотици граѓани од Струмица и од населените места во регионот, во последните неколку дена се заразени од стомачни инфекции. Болните се жалат на болки во стомакот, проследени со повраќање, висока телесна температура и истоштеност. Најподложни на инфекциите се децата од една до 15 години.
„Дневно во Службата за брза помош се јавуваат и повеќе од 100 пациенти, меѓу кои две третини се жалат на болки во стомакот и повраќање. Поради пеколните жештини и сувото време, зголемен е број на стомачните вирози“, велат во Службата за брза помош.
И во Инфективното одделение потврдуваат дека имаат зголемен број заболени од стомачни инфекции. Најголем дел од нив примаат инфузии, а на другите им се даваат потребните лекарства. Но, ниту еден пациент досега не е задржан на болничко лекување. (МИА)