Охридско Езеро збогатено со јагули
Мики Трајковски
ОХРИД - Со 750 килограми јагула е збогатено Охридско Езеро откако вчера е порибено со подмладок што потекнува од соседна Грција. Младите јагули тежат од 15 до 50 грама, а неколку месеци пред порибувањето се чуваа во карантин во струшкото мрестилиште „Шум“.
„Во моментот кога беа направени двете хидроцентрали ‘Шпилје‘ и ‘Глобочица‘, природниот пат на јагулата од Охридското Езеро до Саргасовото Море и назад беше спречен. Затоа презедовме одговорност за порибување“, изјави директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски.
Порибувањето со јагула е од 2007 година. Вкупната вредност на подмладокот е 2,5 милиони денари. Експертите тврдат дека порибувањето нема да има ефекти во зголемувањето на јагулата во Охридско Езеро. Лазо Наумовски, екологист од Охрид, вели дека во изминативе години јагулата, исто како и пастрмката, беше на удар од рибокрадците што доведе до истребување.
„Ова што сега се случува преставува нужно зло за езерото. Јагулите не се со ист квалитет како оние другите што го поминуваа патот од 4.800 километри за да стигнат до Саргасовото Море. Тие имаа моќ да ги издржат сите пречки и климатски промени. Овие јагули по неколку години откако полово ќе созреат, во обидот да го напуштат езерото, ќе завршат во турбините на хидроцентралите. Дел од нив поради неможноста да ги издржат условите во езерото, ќе изумрат“, вели Наумовски.
Сосема поинакво е мислењето на Чинговски, дека тоа нема да се сл��чи, бидејќи постоеле бариери пред хидроцентралите. „Кога јагулите ќе ја достигнат потребната големина, ќе завршат на пазарите во Македонија и странство“, нагласува директорот на ЕЛЕМ.
Инаку, охридските рибари пред повеќе од еден месец на брегот на езерото забележаа јагули што биле цел на рибокрадците. Нелегално ги ловеле со подводни пушки и харпуни, а тоа е закана за рибниот фонд во езерото. |