САД - факултетска велесила
БРИСЕЛ - Бројот на универзитетите во Европската унија кои се најдоа меѓу стоте најдобри во светот годинава е поголем, но Америка и натаму целосно доминира на топ-листата. Со 27 универзитети во ЕУ (или вкупно 32 во Европа со Швајцарија, Норвешка и Русија, кои не се членки на Унијата) во првите 100 на листата Унијата го надмина резултатот од минатата година, кога учествуваше со 26 универзитети, и се наоѓа на втората севкупна позиција како најдобро место во светот за студирање.
САД ги победија сите оние што се најдоа на листата со 54 универзитети во првите 100 и осум во првите десет. Листата, што е едно од најпочитуваните и најтранспарентните универзитетски рангирања во светот, ја подготви Институтот за високо образование н�� шангајскиот универзитет Џијао Тонг, во Кина. Универзитетите во ЕУ држат само две од првите десет места, двете британски институции: Кембриџ се најде на петтото место, а Оксфорд на десеттото. Универзитетот Харвард е прогласен за најдобар универзитет во светот, тргнувајќи од бројот на добитници на Нобелова награда и бројот на публикации во „Нејчр“ и „Сајенс“, како и според големината. Следниот универзитет во ЕУ, кој високо е рангиран по Оксфорд, се наоѓа дури на 21. позиција и тоа е универзитетскиот колеџ Лондон. Првата небританска високорангирана институција е на 39. место: францускиот универзитет „Пјер и Марија Кири“ во Париз.
Велика Британија држи најмногу високи позиции од универзитетите во ЕУ, со 11 факултети во првите 100. По неа следува Германија со пет универзитети. Франција и Шведска имаат по три универзитети на листата, Данска и Холандија по два, а Финска и Белгија по еден универзитет. Надвор од САД и од ЕУ, исто така, добро котира Швајцарија, со три универзитети, додека Московскиот државен универзитет е единствен претставник на Русија и се наоѓа на 74. место. Јапонија и Канада се застапени со пет и четири универзитети, додека Австралија учествува со три.
Првите десет универзитети во светот
1. Харвард
2. Беркли
3. Стенфорд
4. Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ)
5. Кембриџ
6. Калифорнискиот институт за технологија
7. Принстон
8. Колумбија
9. Универзитетот во Чикаго
10. Оксфорд
Рангирања во Европа
(5.) Универзитетот во Кембриџ (Велика Британија)
(10.) Универзитетот во Оксфорд (Велика Британија)
(21.) Универзитетскиот колеџ Лондон (В. Британија)
(23.) Швајцарски федерален институт за технологија, Цирих
(26.) Кралски колеџ Лондон (Велика Британија)
(39.) Универзитет „Пјер и Марија Кири“ во Париз (Франција)
(40.) Универзитетот во Копенхаген (Данска)
(42.) Институтот Каролинска (Шведска)
(44.) Универзитетот во Манчестер (Велика Британија)
(45.) Универзитетот во Париз (Франција)
(50.) Универзитетот во Утрехт (Холандија)
(51.) Универзитетот во Цирих
(52.) Универзитетот во Минхен (Германија)
(54.) Универзитетот во Единбург (Велика Британија)
(63.) Кралски колеџ во Лондон (Велика Британија)
(66.) Универзитетот во Бристол (В. Британија) и Универз. во Упсала (Шведска)
(70.) Универзитетот во Лајден (Холандија)
(71.) Екол нормал супериор - Париз (Франција)
(72.) Универзитетот во Хелсинки (Финска)
(74.) Московски државен универзитет (Русија)
(75.) Универзитетот во Осло (Норвешка)
(79.) Универзитетот во Стокхолм (Шведска)
(86.) Универзитетот во Базел (Швајцарија)
(88.) Универзитетот во Шефилд (Велика Британија)
(90) Универзитетот во Гент (Белгија)
(93.) Универзитетот во Бон (Германија) и Универзитетот во Гетинген (Германија)
(98.) Универзитетот во Архус (Данска)
(99.) Универзитетот во Бирмингем (Велика Британија) |