Почнува трката за студентски индекс
На петте државни универзитети може да се запишат 27.046 студенти во прва година
Денес и утре почнува првиот уписен рок на факултетите, при што на петте државни универзитети во учебната 2010/2011 година може да се запишат 27.046 студенти во прва година. За редовните студенти во државната квота се резервирани 16.089 места, со кофинансирање може да студираат 7.305, а 3.652 места се предвидени за вонредни студенти.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има околу 12.000 слободни места, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола околу 4.300, на Државниот универзитет - Тетово околу 4.500, на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ околу 6.000 и на Универзитет за информатички технологии и науки „Св. Апостол Павле“ во Охрид се слободни 300 места.
На факултетите за кои е потребна проверка на знаењата, тестирањето ќе биде на 19 август. Според условите утврдени во конкурсот, кандидатите може да освојат најмногу 100 поени – од кои 60 од општиот успех и 40 од државната матура. Вториот уписен рок е на 2 и 3 септември, а таму каде што ќе останат места ќе има и трет рок - на 16 септември.
Министерот за образование, Никола Тодоров, вчера потсети дека годинава е значително намалена партиципацијата за студирање на државните универзитети.
„Оваа година има сериозно зголемени квоти за студирање и сериозно намалена партиципација, која ќе биде 200 и 400 евра. На овој начин, очекувам проодноста да биде рекордна и поголем број граѓани да се одлучат да го продолжат своето образование на високообразовните установи. Докажана е врската меѓу процентот на високообразовани лица со економскиот раст и развој на државата. Ова е исклучително битно зашто во Македонија имаме неповолна образовна структура, која директно влијае на невработеноста“, рече Тодоров.
Министерот очекува да има и одѕив и за новиот „Проект 45“ на МОН, со кој се отвораат 1.570 места за високо образование на возрасни лица - жени над 35 години и за мажи над 45. На Скопскиот универзитет возрасните студенти ќе се запишуваат на 6 и 7 септември (без приемен испит), а цената на овие студии е 200 евра. (О.В.) |