Бауерман: Сакаме да споиме две различни кошаркарски култури
Селекторот на Германија верува во комбинацијата на европската и на американската кошарка
Селекторот на репрезентацијата на Германија Дирк Бауерман смета дека неговиот тим поради спојот на играчи кои настапуваат во НБА лигата (Новицки и Кејман) и оние кои играат во Европа има квалитет да направи нешто повеќе на евробаскетот во Литванија.
„Новицки и Кејман не прават страшно силни под кошевите. Многу малку екипи од Европа имаат ваков квалитет. Тие двајцата се голема мотивација за останатите во тимот. Добро е што се вклопија и бргу станаа дел од тимот. Тоа што на пример Јагла е еден од предводниците на репрезентацијата до приклучувањето на Новицки и Кејман, а сега ќе стартува од клупата, е мал проблем, но сите добро ја разбираат нивната важност и улога, иако добиваат помалку минути. Односот е в ред, но како проблем се јавува самата кошарка. Во Европа културата и начинот на игра е сосема различен од она што се случува во НБА лигата“, смета Бауерман и додава: „Тука во Европа повеќе се користи тактика, пик-енд-ролот, тимската игра и слично, а од друга страна ги имате Новицки и Кејман кои се фантастични еден на еден. Жално би било да не му дозволите на Новицки да игра еден на еден, кога тоа навистина добро го прави. Имавме малку време пред евробаскетот да ги споиме тие две култури. Во Литванија ќе одиме со една комбинација која мислиме дека ќе ни донесе резултат“.
Инаку, Германија се наоаѓа во извонредно тешка група со Италија, Изреал, Франција, Србија и Летонија.
„Со три победи веројатно ќе одиме во вториот круг, но проблемот е што многу малку трениравме заедно. Нашата желба е четири победи, затоа што целта ни е барем четвртфиналето. Против тимовите од групата што понатаму вкрстуваме многу е тешко да се победи во сите средби“, вели Бауерман, кој е дел од проектот Баерн Минхен.
„Во Германија се' уште Американци освојуваат шампионати, а не Германци. Ние имаме повеќе репрезентативци од било кој друг клуб во Германија (четири). Во другите земји е ограничен бројот на странци, а во Германија може да направите екипа со седум квалитетни Американци, кои ќе ви донесат трофеј на сметка на развојот на домашната кошарка. Целта на Баерн е да освојува титули. Ние сме институција од рангот на Реал, Барселона и други. Сепак, нашиот проект е долгорочен и уште е во почетна фаза. Фокусирани сме на развој на младинскиот погон. Моментално соработуваме со 50 училишта. Ние им помагаме на училиштата со тоа што испраќаме тренери да ги водат часовите, а тие обучени кадри следат деца на возраст од 8 до 10 години. Тоа се илјадници потенцијални кошаркари. Се избираат најталентираните и со нив работиме“, го појаснува проектот Бауерман. |