Без Митков на европското во Грција
Македонската репрезентација ќе биде составена само од шахисти на Алкалоид
Роберт Димитриевски
Велемајсторот Никола Митков (рејтинг 2527) нема да биде дел од шаховската репрезентација на Македонија на Европското првенство што ќе се одржи од 2 до 12 ноември во Порто Карас, Грција.
„Митков ме извести дека го откажува својот настап на ЕП поради обврски на работното место во САД“, објаснува селекторот Драгољуб Јаќимовиќ.
Првиот Македонец со највисоката шаховска титула речиси една деценија живее и работи во Чикаго. Во негово отсуство, националниот тим на еврошампионатот ќе го сочинуваат само членови на најтрофејниот македонски шаховски колектив Алкалоид, вели Јаќимовиќ. Списокот на петтемина играчи тој ќе да го дефинира до средината на септември, до кога треба да изврши консултации со кандидатите.
Извесно е дека селекцијата ќе ја предводи олимпискиот вицешампион од Шпанија 2004, ВМ Владимир Георгиев (2559), кој во втората половина од минатиот месец го подели првото место на Холандија опен во Дирен, а во првата половина на месецов играше на првата табла на „фармацевтите“ на Екипниот шампионат на Македонија во Струга. Одамна се стандардни и велемајсторите Трајко Недев (2491), актуелен првак на Македонија, како и Звонко Станојоски (2491), втор на априлскиот турнир во Тиват од Балканската гран-при серија. За место во националниот тим конкурираат и интермајсторите Филип Панчевски (2410) и Александар Чоловиќ (2450), кои го поделија второто место на Балканскиот гран-при турнир во романскиот град Јаши, а според дополнителните критериуми Панчевски беше трет, а Чоловиќ петти. Од Романија обајцата продолжија во Бугарија на турнирот во Сончев Брег.
Наспроти успешните настапи на неговите играчи на поединечните турнири, Алкалоид најверојатно и годинава, како и лани, нема да учествува на Европскиот клупски куп. Домаќин на годинашниот шаховски еквивалент на фудбалската Лига на шампионите ќе биде словенечкиот град Рогашка Слатина, а турнирот на најдобрите екипи на стариот континент ќе се одржи од 24 септември до 2 октомври. |