Ураганот „Ајрин“ закана за Ју-Ес опен
Ураганот Ајрин ги прекина завршните подготовки за последниот тениски Гренд слем во сезоната Ју-Ес опен, кој треба да почне денеска и да трае до 11 септември. Поради тоа, прашање е дали турнирот ќе стартува според првичниот план.
Во Њујорк е запрен јавниот превоз, првпат во историјата поради временски услови, а затворени се и сите аеродроми во градот. Околу 370.000 луѓе примија наредба за евакуација. Во саботата вечер беа затворени сите ресторани и барови на Менхетен, на Бродвеј беа откажани сите претстави, немаше туристи на Тајмс сквер. Жителите ги напуштија улиците и се засолнија од патот на ураганот, ретка појава во нивниот град и само петти откако постојат метеоролошки податоци.
„Ситуацијата е напната бидејќи никој не знае со каква силина ќ�� удри ураганот. Не ми е сеедно бидејќи сум во Њујорк со целото мое семејство“, вели швајцарскиот тенисер Роже Федерер.
Затворен е националниот тениски центар „УСТА Били Џин Кинг“ во Флешинг Медоу. Откажани се сите прес-конференции меѓу кои и тие на Американката Серена Вилијамс и на првиот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ. На тенисерите им е порачано да си бараат алтернативни места за тренинг. Организаторите на Ју-ЕС опен беа принудени да ја откажат традиционалната манифестација посветена на децата и многу маркетинг активности.
Стравот не го крие ниту Британецот Енди Мари.
„Ваква неизвесност е најлоша. Ова го нема во Велика Британија. Таму времето никогаш не е вака лошо“, истакна Мари. |