Пандев позајмен на Наполи!
На „Сан Паоло“ во Неапол нашиот интернационалец во дресот со број 29
Сашко Ѓ. Димовски
Иако Горан Пандев неколку пати демантираше дека ќе ја смени клупската средина ова лето, сепак, тоа се случи. Во наредната сезона во Серија А тој ќе настапува за Наполи што ќе биде негов петти клуб во Италија, трет во кој ќе игра како позајмен играч по Специја и Анкона. Минатата сезона беше дел од Интер, екипа со која има договор со 2014 година, по петте претходни ги мина во Лацио. Пандев викендот беше и официјално претставен пред фановите на Наполи, клуб во кој ќе го носи дресот со број 29.
„Не сакав да го напуштам Интер. Наполи ќе биде искуство плус за мене и нов предизвик во кариерата. Добро е што тимот ќе игра во Лигата на шампиони, а јас со моите игри ќе се обидам да му помогнам за што поуспешно претставување во групната фаза“, рече Пандев.
Пандев лани освои се што можеше да се освои со нероазурите, но поради повреда ја загуби формата и местото во стартниот тим на Интер во вториот дел од сезоната во кој најголем дел од мечевите ги почнуваше од клупата. Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, чиј тим ќе се натпреварува во група со Баерн Минхен, Вилјареал и Манчестер сити во Лигата на шампиони изрази задоволство што успеа да ги обезбеди услугите на 28 годишниот македонски интернационалец во кого гледа голема помош за наполитанците.
„Бев возбуден од исходот на ждрепката за Лигата на шампиони. Веднаш му се јавив на Морати и го побарав Пандев на позајмица. Се договориме за секунда“, изјкави Де Лаурентис за официјалната интернет страница на Наполи.
Нападот на Наполи ќе добие уште поголем квалитет со ангажманот на Пандев кој ќе им се придружи на убиственото трио Аргентинецот Езекил Лавеци, Словакот Марек Хамчик и Уругваецот Единсон Кавани.
„Се слушнав со Пандев. Тој ме импресионира. Знае дека може да го остави минатото зад себе и да одигра важна улога во Наполи“, дополни Де Лаурентис.
Пандев е прв стрелец во историјата на македонската фудбалска репрезентација, чиј капитен е, со 24 гола во 60 меѓународни натпревари. По неговото заминување од „Џузепе Меаца“ и претходно на Камерунецот Самуел Ето во Анжи, екипата на Интер остана со само двајца напаѓачи, Диего Милито и Џампаоло Пацини. Затоа тренерот Џан Пјеро Гасперини очајнички се обидува да го донесе Уругваецот Диего Форлан од Атлетико Мадрид и се надева дека ќе успее во намерата до крајот на летниот преоден рок. |