Само со добра плата до кредит
Гошев ги обврзува банките уште повнимателно да им ги гледаат платите на барателите, пред да им дадат заем
Нина Нинеска-Фиданоска
Монетарната власт уште посилно го стега обрачот околу кредитирањето, особено за населението. Советот на Народна банка на Македонија вчера излезе со нови поригорозни мерки за банките, со цел тие уште повеќе да ги намалат кредитите што ги пласираат на граѓаните.
Имено, гувернерот Петар Гошев воведе обврска банките многу повнимателно од досега да ги гледаат и да ги проценуваат платите или другите приходи на барателите, пред да одлучат да им одобрат кредит, само со цел тие да бидат доволни за навреме да ги враќаат ратите. „Со измените на Одлуката за управување со кредитниот ризик се воведува обврска за банките да го дефинираат прифатливото ниво на покриеност на изложеноста на кредитен ризик кон физички лица со соодветен извор на отплата (висина на плата и други приходи), при што треба да го имаат предвид и движењето на трошоците за живеење“, се вели во соопштението од седницата на Советот на НБМ. Наедно, НБМ бара од банките да бидат многу повнимателни и при вложувањата во хартии од вредност.
Ваквите нови затегања на Централната банка следуваат по серија мерки кои веќе ги презеде на тој план, што веќе дале плод и го намалиле кредитирањето. Па, така, кредитите во јануари 2009 во однос на јануари 2008 година имаат годишен пораст од 32,1 отсто, што е помалку од нивниот раст лани кога надминуваше 40 отсто, додека депозитите пораснале за 10,3 проценти. Согласно со последната анкета на НБМ, банките очекуваат намалена побарувачка за кредити во првиот квартал од 2009 година, а наедно упатуваат и на натамошно заострување на кредитните услови. НБМ ги следи движењата и е подготвена за мерки, ако е неопхо��но тоа.
Инаку, банкарите завчера изјавија дека и без да бидат затегнати условите, кредити годинава ќе има се' помалку и тие ќе бидат поскапи, бидејќи им се ограничени изворите на средства за кредитирање.
Советот ја изменил и Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, со која се бара издвојување на потребното ниво на капитал за покривање на оперативниот ризик на банките. Се зајакнуваат и условите за добивање дозвола и вршење менувачки работи.
Инаку, Советот го признава намалувањето на девизните резерви, но охрабрува дека во февруари се намалиле интервенциите на девизниот пазар. Со состојба на 31 јануари 2009 година бруто девизните резерви изнесуваат 1.441,8 милиони евра и во однос на крајот на 2008 се пониски за 53,2 милиони евра. „Во јануари, НБМ интервенираше на девизниот пазар со нето-продажба на девизи, во првата половина од февруари интервенциите беа помали, а досега во втората половина на февруари нема интервенции. НБМ ќе продолжи да интервенира ако биде потребно тоа“, се вели во соопштението. Советот констатирал дека годишната стапка на инфлација, согласно со очекувањата, во јануари 2009 бележи забавување и изнесува 1,7 отсто.
Инаку, НБМ информира дека од овој месец започнало спроведувањето на аукциите на девизни депозити кај НБМ, како нов инструмент преку кој банките можат да ги пласираат девизните средства кај НБМ, наместо во странство, со што се намалува нивната изложеност на кредитен ризик.
Советот донел измени и на Одлуката за сметковниот план за банките, со кои се воведоа нови сметки, кои во најголем дел служат за подобро следење на изложеноста на банките, особено кон странските банки. Овие сметки ќе почнат да се применуваат од 1 јуни годинава. |