Источна Европа се бори со долгови
Богатите западноевропски држави се соочуваат со дилемата како да им помогнат на посиромашните источни соседи, поранешни комунистички држави, да се справат со финансиската криза сега кога се принудени да ги спасуваат домашните банки. Американските медиуми објавија кусо истражување за Источноевропскиот регион.
„Полска, Чешка, Словачка: трите држави се наоѓаат во релативно подобра форма затоа што имаат пониско ниво на долгови во странска валута. Словачка има предност затоа што е една од 16-те држави-членки на ЕУ која го употребува еврото, кое е солидна валута. Литванија, Летонија, Естонија: трите мали балтички држави, кои се одвоија од Советскиот Сојуз во 1991 година, постигнаа брз напредок благодарение на своите пропазарни политики и во 2004 година станаа членки на ЕУ. Бумот на пазарот за недвижен имот како резултат на зајакнатото кредитирање заврши и по него следуваше пад кој беше интензивиран поради светската финансиска криза. Летонија побара кредит од Меѓународниот монетарен фонд. Унгарија, Романија, Бугарија: овие три држави-членки на ЕУ се соочуваат со сериозни тешкотии. На Унгарија, исто така, и' треба кредит од ММФ. Бугарија има огромен трговски дефицит, а Романија засега се држи, но нејзиниот трговски и буџетски дефицит се зголемуваат. Украина: земјата не е членка на ЕУ. Таа се соочува со тешкотии да ги задоволи критериумите на ММФ за да го добие останатиот дел од кредитот што и' е одобрен. Србија: економскиот раст на земјата оваа година падна од 6 проценти на очекуваното ниво од 0,5 отсто. (МИА) |