Михаил Ходорковски останува в затвор
На рускиот тајкун му се закануваат нова пресуда за проневера и затворска казна
Адвокатот што го застапува поранешниот руски тајкун Михаил Ходорковски за Би-Би-Си изјави дека очекува неговиот клиент да биде прогласен за виновен за проневера и да го осудат на друга повеќегодишна затворска казна. Тој зборуваше додека се очекуваше да заврши вториот судски процес за поранешниот прв човек на нафтениот гигант „Јукос“. Пресудата се очекува да биде донесена во следните неколку недели. Ходорковски веќе мина седум години в затвор поради даночно затајување. Тој рече дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.
Група пријатели и роднини на Ходорковски, како и набљудувачи и новинари, се обидуваа да влезат во малата судница во централниот дел на Москва за да го слушнат завршното излагање во ова најново судење. Ходорковски веќе мина одреден период в затвор во источен Сибир и во главниот град. Тој треба да биде ослободен следната година. Но, сега се претпоставува дека ќе биде прогласен за виновен по нови обвиненија за проневера и перење пари, што може да го задржи в затвор до 2017 година.
Тој и неговиот бизнис-партнер, Платон Лебедев, беа обвинети за кражба на повеќе од две милијарди барели нафта, за кои тие наведуваат дека изнесува 20 проценти од севкупното производство на Русија во тоа време. Во судот Ходорковски ги опиша обвиненијата како бесмислени.
Меѓутоа, Обвинителството побара од судијата долгогодишна затворска казна. Власта соопшти дека Ходорковски е виновен за огромни финансиски малверзации. Голем број набљудувачи веруваат дека власта го сака зад решетки колку што е можно подолго, бидејќи тој го предизвика Владимир Путин, во тоа време претседател, сега премиер, со финансирањето на опозицијата. (Би-Би-Си) |