Деца робови на памучните полиња во Узбекистан
ТАШКЕНТ - Во Узбекистан летниот одмор почнува во средината на септември кога горештините се намалуваат. Тој трае околу два месеца, но голем број ученици едвај ги гледаат своите родители во овој период. Наместо тоа, од нив се бара да и' служат на својата земја на тој начин што ќе собираат памук. Овој ритуал датира уште од советско време кога економијата се отвораше за време на есенската жетва во централноазиската република кога претседателот Ислам Каримов ги мобилизираше широките народни маси. На околу два милиони ученици им се наредува да работат во полињата и да го жнеат „белото злато“, како што се смета памукот уште од времето на советскиот диктатор Јосиф Сталин. Покрај природниот гас и златото, памукот е еден од најважните извори на цврста валута на узбекистанската елита. Цената на памукот во моментот е највисока откако пред 140 години почна оваа трговија. Не дека младите собирачи на памук добиваат дел од профитот. Назира имаше само 11 години кога минатата година работеше на полињата. Цел месец таа, нејзините наставници и другите деца од класот во селото во близина на Андиџан во источен Узбекистан почнуваа со бербата во седум часот изутрина и работеа до мрак. На децата им било кажано да ја исполнат нивната квота од 10 килограми дневно. „Јас едвај можев да соберам три килограми“, вели Назира. Нејзе и' плаќаа по 60 суми за килограм, или три евроценти. По едномесечна работа таа и' ги даде парите на мајка си. „Таа ги искористи за да ми купи капут. Но, тоа не беше доволно па мораше да доплати“. (Шпигл) |