Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
04.10.2011, 17:47

Мислења

Политиката како игра

Нано Ружин

Отсуството од Собранието значи отсуство од политичката игра на политичарите и на партиите

„Татко, ќе станам министер“, му кажал Ѓокица на татка си кога дипломирал во ноември 2004 година. Татко му го загледал зачудено и авторитетно го посоветувал, „Убаво синко, ама како ќе успееш кога сите министри се од врвот на партијата а ти се' уште не си ни член на подмладокот“. „Татко, ти остани во СДСМ, јас ќе се зачленам во ВМРО-ДПМНЕ. Кога Груевски ќе побeди, ќе ме назначи за министер“, му возвратил Ѓокица.

Седум години подоцна, младиот Ѓокица навистина станал министер. Тој се' уште не е во главното политичко јадро на Груевски, но амбициозно му дише во вратот. Можеби имаат право Евреите кога зборуваат дека клучот на успехот е во фикцијата. Останатото доаѓало само по себе. За разлика од некогашните филозофски или идеолошки матрици на младите што се жртвувале за идеалите и за убедувањата, денес политичкиот афинитет стана многу попрагматичен. Младите се ангажираат во политиката заради можноста да најдат вработување, финансиска поткрепа или едноставно да влезат во големата игра.

Во центарот на секоја политика било да се работи за меѓупартиски или за внатрепартиски политички односи, ја пронаоѓаме политичката игра. Меѓутоа, политичката игра не е апстрактна игра, ниту математика, ниту домино, шах или табла. Тоа е игра со луѓе. Тие луѓе чувствуваат, се радуваат, се шегуваат, тагуваат. Тоа се индивидуи со искуство, со помалку или со повеќе харизма, кои знаат да подметнуваат, блефираат, манипулираат, да лажат, способни да ги откријат слабостите на противникот, да ги проценат луѓето според нивната политичка тежина, да зададат ниски удари, да ангажираат медиуми, политички сојузници. Политичките играчи имаат бројни заеднички црти, но ниту еден играч не заличува на друг ниту е негова копија. Постојат само обиди за имитација и фејкови.

Политичката игра во центарот на партија ја чинат лидерот и неговите луѓе. Тие се главните носители во партиската арена. Меѓутоа, бројноста на играчите е ограничена. Денес секој знае кои се најблиските луѓе односно тимот или „фамилијата“ на Груевски, како што ги нарекува СДСМ. Исто така, сите ја знаат дружината или блиските другари на Црвенковски. Да се биде во играта значи да се биде признаен како дел од тимот. Тоа е играч кој поседува одредена репутација и вредности, поседува и значајна функција и улога во просторот каде се одвива играта. Играчите не се случајни луѓе, колку тоа да изгледа на прв поглед. Зад нив стои и авторитетот на лидерот или некој друг аргумент. Некој што е маргиналец или служи за една употреба не може да пристапи во играта. Политичката егзистенција на политичарот е утврдена од страна на способноста да се одржи во играта. Генијалноста на политичарот е да трае што подолго. На македонската политичка сцена постојат неколку долговечни играчи како Глигоров, Кљусев, Андов, Црвенковски, М. Маневски.

Во рамките на политичката игра во партиите, кортежот на лидерот, неговите миленици, најблиските соработници или политички ривали се дел од политичката игра во партиската арена. Груевски, Мијалков, Протоѓер, Ставрески, Јанкуловска, претходно Маневски, В.Наумовски, Милошоски и Коњановски кои отпаднаа од играта. Љупчо Георгиевски беше творец на ВМРО-ДПМНЕ и главен играч во партијата. Денес веќе не е на теренот и е политички елиминиран. Љубе Бошкоски беше дел од таа екипа, барем како полезен орнамент и жртва на патриотизмот од 2001 година, исто како што денес е Тарчуловски. Денес првиот не само што е надвор од играта, туку е и физички блокиран од сопствените соиграчи. Во СДСМ Црвенковски, Н. Савова, Макрадули, И. Ивановски, А. Петров, Г. Георгиев, Заев, Шекеринска, З. Јовановски се делумно во играта. Претходно од играта отпаднаа Бучковски, Спасов, Митрева, Бузлевски, Ханџиски.

Оваа политичка игра продолжува врз целата политичка сцена. Целта на секоја политичка партија е да стане дел од видливата институционална политичка арена како што е Парламентот. Парламентот му дава легитимитет на секој субјект во политичката игра, иако таа освен во салата се одвива во кулоарите, надвор од Собранието, во кабинетите како невидлива вештина на политичко општење и ривалитет. Само оние кои имаат послаба аналитичка едукација би истакнале дека присуството во Парламентот не е примарна задача на партиите, особено на помалите партии. Отсуството од Собранието значи отсуство од политичката игра.

Политичката игра е игра во реални категории. Политичката игра води кон неизвесност, сомнежи, страв, дури и кон драма. Во политиката постојат само односи на силата. Кога е загрозено местото на господар на играта потребно е да дочекате или да се тргне за некој друг. Вообичаено е тоа да се случува по изборните порази. Секоја стратегија на играчот е насочена кон руинирање на противникот независно од колатералните штети. Најбитно е тој да биде исфрлен о�� игра. Во рамките на партиите се исклучуваат и елиминираат сите фракции и дисиденти. Главниот играч ги третира за предавници или за нечесни и неспособни. Тоа го почувствуваа Љ. Бошковски, Ване Цветанов, Д. Димовска, Љ. Ѓеоргиевски и други од ДПМНЕ, како и Тито Петковски (2006) Бучковски,Спасов, Ханџиски и останати од СДСМ.

„Да се урне непријателот“ - тоа е суровиот закон на политичката игра. Со сите сили и средства се настојува да се елиминира ривалот, партијата или групата од играта. Пожелно е непријателот да биде срушен, како во јавното мислење кое го опкружува, така и пошироко преку медиумите. При тоа играчот може да се служи и со клевети, озборувања, гласини манипулации. Во овој домен нашето искуство е мошне богато. Се изнаслушавме за корумпирани, истрошени, транзициони политичари, клептомани, политичари-алкохоличари, наркомани, хомосексуалци, психопати, сексуални манијаци. Белки постојат и такви што се нормални.

Првиот принцип на политичката игра е страста. Низ играта треба да се дешифрира турбината на страстите, мешавината на омразата, суетата, хипокризијата и обидите да се прикрива конфликтот. Тоа го читаме од лицата на нашите политичари, било да се работи за Груевски, Црвенковски или некој трет. При тоа политичарот воопшто не е рационална личност, иако е тој голем калкулант. Се мрази ривалот, ќе се направи се' за да се елиминира од играта. За време на изборите, но и потоа ги видовме со колкава омраза се напаѓаат најчесто индиректно преку медиумите или преку нивните фронтмени. Секоја политичка игра е исполнета со презира и клевети. Понекогаш клеветите се смешни, неприродни и апсурдни. Противникот чувствува речиси физичка потреба да го контролира ривалот до омраза. Меѓутоа, омразата може да води кон грешки и потценување на талентот и способноста на ривалот, односно до преценување на сопствените сили. Играчот инстинктивно чувствува омраза кон противникот за да ја потврди, воздигне и оправда сопствената позиција. Тој настојува да го аргументира сопствениот потег и омраза и ако е можно и да го понижи противникот.

Политичката игра претпоставува една голема слобода во акцијата. Играта се потпира врз личните интереси, како што се власта и парите. Општиот интерес ги инспирира големите играчи од историјата кои си обезбедиле и соодветно место во времето и просторот. Меѓутоа, општите импресии за политичките водачи и нивната улога во политичката игра е негативен.Тоа е игра на разни егоисти, циници, самобендисани и неискрени демагози кои често лажат. Вековните традиции не' подучуваат дека самобендисаниот лидер,принц, крал во својата политичка игра можел да прави и се' уште прави тоа што сака. Можеби сите овие епитети не важат и за нашите политички играчи, но некои можеби се блиски до нивниот карактер.

(Авторот е универзитетски професор)


Статијата е прочитана 964 пати.

Испрати коментар



Хулиганите и спортот
Демократија има, нема јунаци
Гради, гради и само гради
Каде сте Македончиња?



jovan, 05.10.2011 00:12:31
Najmnogu od se vo ovoj tekst mi se dopadna recenicata: Tato ti ostani vo SDSM, jas ke se zaclenam vo VMRO . Tokmu toa se slucuva denes. Site novi VMROvski biznismeni, tenderasi pa i ministri se od SDSMovski familii. Zatoa i nema opozicija.
Александар М., 05.10.2011 08:46:47
Каде си ти господине во сите овие анализи. СДСМ, ВМРО,ЛДП, ссга и во ЛДП не те есапат, па веројатно ќе бараш прибежиште во ДУИ, ДПА или ПДП. Таквите како тебе ( нели ти си во политиката воден од идеали и филозовски поглед на животот, а никако од желба да бидеш министер) ги нарекуваат ПОЛИТИЧКИ ПРОСТИТУТКИ. Штета што не може да се спроведе акција за апсење на политички проститутки, туку ги апсат само проститутките на кејот кај телевизија. А, тие се многу почесни од политичките проститутки.
mene, 05.10.2011 10:05:35
Profesore , potpolno ste vo pravo . Se nadevam deka i ponatamu ke prodolzite da pisuvate vakvi kvalitetni i realni kolumni koi na najdobar nacin go otslikuvaat naseto sekojdnevje. Ova e veke posmatranje na rabotite od neutralen agol.
Istocna Makedonija, 05.10.2011 10:29:50
Vo socijalizmot,premnogu eksponirana bese sin- tagmata:Revolucijata ne gi jade sopstvenite de- ca!Sega,dominira realnoto sekojdnevie:Partijata (vrvniot establisment)gi jade do koska clenovite ,koi za milimetar se drznat da mislat poinaku,pa makar i vo son.Panta rei.Така е во животот,но мајмногу во политиката и затоа е ,,најголема вештина и најголема п..........а!Прагматично, ќе одиш по Љубчо,ќе му ги занесуваш,доби- ваш ресор и оп на тронот!А,утре?!Црно-бел свет!Zatoa i komentarot e latinica-kirilica...
ФЕЛИКС, 05.10.2011 11:33:55
Политиката како и во спортот има големи и мали играчи.Па така некој е Меси од Барцелона во политиката а некој да речеме Пуздероски од Фк Прогрес од Долно Шимширово.Кој е кој може да се дискутира.Инаку грешите околу првиот принцип на политичката игра,а тоа не е страста туку ладноквната користољубивост. Оваа игра како и фудбалот носи финансиски бенефит,како јавен така и таен.Ова се однесува кога се практицира власта.Кога сте во опозиција ,,леете солзи,, оти сте хендикепирани од овој бенефит.
Македон, 05.10.2011 16:20:29
Бескорисен и глупав текст!

"""

  

 


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, 16°C

Облачно

Среда
Делумно облачно
Макс: 21°C, Мин: 8°C

Четврток
Делумно облачно
Макс: 23°C, Мин: 7°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
 
Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |