04.10.2011, 17:50 Мислења
Каде сте Македончиња?
Љатиф Пајковски
Зошто дозволувате Македонците со исламска религија да бидат отфрлени и запоставени од пописот на населението
Овие денови следејќи ја работата на Собранието кога се расправаше за формирање на едно од телата задолжени за меѓу етничките односи, пратениците на Партијата за европска иднина (ПЕИ), би рекол сосема легитимно, ја ис��ористија можноста за отварање на прашањето за етничкото потекло на Македонците со исламска религија и ја наметнаа потребата од избор на еден член од редот на Торбешите, како што тие милуваат да не' нарекуваат, во ова тело.
Притоа се изнесоа многу невистини од нивна страна. На пример, тврдењето дека за еден пратеник се потребни околу 8 илјади гласови, па тројца пратеници правеле 24 илјади гласови и сите тие биле Торбеши и стоеле зад нивната идеја, е бесмислено, особено ако се знае дека сите тие пратеници беа на листа на СДСМ и станаа пратеници благодарение на вкупно добиените гласови а меѓу нив и мојот глас.
Како репликанти се јавија по еден пратеник од турската етничка заедница и еден од албанската, и тоа едниот коалициски партнер на власта а другиот на опозицијата. Замислете, едниот кажа дека всушност се работи за турско население, а другиот пак дека се работи за албанско, односно население коешто живее во арнаутски села - и толку. Гледајќи го сето тоа си реков, а сега ќе видите кога браќата Македонци ќе ви распалат па ќе видите какви Турци, какви Албанци, какви Торбеши. Чекам некаква реакција и од пратениците на власта и од пратениците на опозицијата - ништо. Викам самиот дома, се дерам - луѓе гледате ли пред целата јавност не' разграбуваат, нели ве боли кога ве растргнуваат како народ. Кога ве делат и цепкаат, па нели сме дел од вашиот народ, зарем некому пречи нашата припадност на исламската религија. Зарем уште некој смета дека треба да се додворуваме на некого само затоа што нашата верска припадност е различна од вашата, зарем не ве боли тоа што губите како народ стотина илјади лојални граѓани на оваа држава и притоа за исто толкав број на вештачки начин го зголемувате бројот на некои од етничките заедници. Уште поважно, зарем сега кога е во тек пописот на населението, дозволувате припадниците на македонскиот народ со исламска религија да добијат впечаток дека и после толку години заедничко живеење се' уште сме отфрлени и запоставени.
Фактот што двете најголеми македонски партии не смогнаа сила и овојпат на своите листи на добитни места да стават кандидати од редот на ова население, се покажа како многу несреќно решение, бидејќи немаме свој преставник да не' брани, а очигледно друг тоа нема намера да го прави. Сето ова ми личи на договорена работа меѓу политичките партии. За власта ова особено ми се потврди кога ги видов избраните попишувачи, особено во моето село, каде населението од секогаш на пописите ја искажувало својата македонска национална припадност и исламска религија. Сега од вкупно 14 попишувачи само 3 се од моето село, а останатите не знам од каде се донесени, тоа се луѓе со некакви чудни фаци, дојдени, препоставувам, со задача што помалку Македонци да се појават на пописот, па макар се попишувал некој и како марсовец.
Драги мои Македончиња, кои како носители на високи функции одлучуваат за мојата судбина и судбината на македонштината во Македонија, а особено во моја општина, да знаете дека давате голем придонес за однародување на дел од македонскиот народ. Нека не не' чуди тоа што и ќе се случи на овој попис -општината Маврово-Ростуше на минатиот попис исклучиво од верско политички причини стана двојазична, а сега од исти такви причини ќе стане тројазична.
Чуден сој е Македончето - штом дојде до некаква функција ич не му е гајле за својот род, туку се' прави да ја задржи што подолго позицијата на штета на својот род.
За жал, овој пат на голема штета на Македонците со исламска религија, кои секој ден се се' помалку и помалку, исчезнуваат како некоја ретка опасна зверка. Жално е толку средства да се вложуваат за неколку стотици заинтересирани Македонци од дијаспората да имаат дури 3 пратеници а дома во својата држава се' се прави стотина илјади лојални граѓани распоредени главно како членови и симпатизери во двете најголеми македонски партии, да немаат ниту еден преставник не само во Парламентот, туку и на било која повисока државна функција. До кога вака, има ли надеж за нас, уште ли ќе бидеме користени како монета за поткусурување меѓу партиите.
Губитник е Македонија, губитник е македонскиот народ. А добитници - добитници има од некои од етничките заедници кои ни криви ни должни ќе си добијат по неколку стотици, можеби илјадници припадници на својата заедница и благодарение на тоа ќе бараат двојазичност и тројазичност во општини во кои исклучиво живее македонскионаселение.
(Авторот е поранешен пратеник) |