Фенербахче и Алба Берлин во „топ 16“ од Евролигата
Турците славеа кај Унион Олимпија со 90:70, Германците подобри на гости кај Хувентуд со 79:75
Два нови учесника во топ 16 фаза, тројца победници по групи и по шест победи на домашните и гостинските екипи донесе деветтото коло во кошаркарската Евролига. Најнови патници за наредната евролигашка рунда се Фенербахче и Алба, откако обете екипи забележаа победи на гостувањата во Љубљана, односно, во Бадалона. Во рамки на групата Ц составот од Истанбул славеше на паркетот на Унион Олимпија со 90:70 што за словенечкиот претставник е осми пораз сезонава во ова натпреварување. Во истата конкуренција тимот од Берлин, Алба, извојува значаен триумф во Шпанија над директниот конкурент за четвртата позиција, Хувентуд, со 79:75. И двата тима сега имаат по четири победи и пет порази. Во последното коло Алба ја пречекува одамна отпишаната Унион Олимпија, а Хувентуд ќе патува во Виторија кај ТАУ Керамика. Во случај на идентичен биланс на крајот ќе извиси Хувентуд од причина што ги загуби двете пресметки со екипата од Берлин.
Три групи добија свои победници, а носители во ждрепката за следната фаза ќе бидат Барселона од групата Б, ТАУ Керамика од групата Ц и московска ЦСКА од групата Д. Каталонците во ова коло го победија полски Асеко Проком во 76:64, ТАУ Керамика славеше во Рим над Лотоматика по продолженијата со 103:96, а ЦСКА го декласира Ефес Пилсен на негов терен со 74:55.
И покрај седумте порази екипата на Жалгирис се врати во игра за топ 16 фазата. Литванскиот шампион го совлада Нанси со 105:94 за само втора евролигашка победа и одложување на дилемите за последното слободно место за наредната рунда во групата Б. Таму Нанси, Жалгирис и Асеко Проком имаат ист скор, сите три екипи забележаа по два триумфа и седум порази досега, па за опстанокот на европската кошаркарска карта ќе одлучуваат во последното коло. На 14 јануари Нанси ќе ја пречека Монтепаски Сиена, Аеко Проком ќе му гостува на Панатинаикос, додека Жалгирис ќе патува во Барселона. Во случај на порази на сите нив ќе се радува полскиот претставник поради најдобриот биланс при изготвувањето на мини табелата.
Евролига, 9. коло, резултати
Група А: Макаби Електра - Олимпијакос 96:83, Цибона - Уникаха Малага 76:77, Ле Ман - Ер Авелино 92:88. Табела: Уникаха Малага (7 поб.-2 пор.), Олимпијакос (6-3), Макаби Електра (6-3), Цибона (5-4), Ер Авелино (2-7), Ле Ман (1-8).
Група Б: Монтепаски - Панатинаикос 82:77, Жалгирис - Нанси 105:94, Асеко Проком - Барселона 64:76. Табела: Барселона (8 поб.-1 пор.), Монтепаски Сиена (7-2), Панатинаикос (6-3), Асеко Проком (2-7), Жалгирис (2-7), Нанси (2-7).
Група Ц: Лотоматика Рома - ТАУ Керамика 96:103 (по продолженија), Унион Олимпија - Фенербахче 70:90, Хувентуд - Алба Берлин 75:79, Табела: ТАУ Керамика (7 поб.-2 пор.), Лотоматика Рома (6-3), Фенербахче (5-4), Алба Берлин (4-5), Хувентут (4-5), Унион Олимпија (1-8).
Група Д: Армани Џинс Милано - Реал Мадрид 70:61, Партизан - Паниониос 80:57, Ефес Пилсен - ЦСКА Москва 55:74. Табела: ЦСКА Москва (7 поб.-2 пор.), Реал Мадрид (5-4), Ефес Пилсен (4-5), Партизан (4-5), Армани Џинс Милано (4-5), Паниониос (3-6).
Мекилрој од Алба МВП на колото
Имануел Мекилрој од тимот на Алба Берлин е прогласен за МВП на деветтото коло во Евролигата. Во значајната победа на својот тим над Хувентут (79:75) тој имаше индекс на успешност 38, два повеќе од српскиот интернационалец во дресот на ТАУ Керамика, Игор Ракочевиќ. Идеалната петорка на колото ја комплетираат Мирза Бегиќ од У. Олимпија, Деворик Спенсер од Ле Ман и Мајк Батист од Панатинаикос. |