Спарси до 15. победа во 18 меча
Тимот на Сан Антонио ја оствари и 15 победа во 18 натпревар совладувајќи го Лос Анџелес Клиперс со 106:84. Тони Паркер постигна 19 коша, Роџер Мејсон додаде 18 за четврти триумф во низа на спарси. Новајлијата Ерик Гордон и Ал Торнтон уфрлија по 21 поен, но тоа не им беше од корист на клиперси да го избегнат деветтиот пораз во серија. Во екипата на Л.А. Клиперс не играа повредените Бајрон Дејвис, Зак Рандолф и Крис Каман, а го немаше ниту Рики Дејвис кој ја „одлежува“ суспензијата од пет средби.
Во вториот меч на НБА репертоарот вчераутро Далас, на домашен терен, го совлада Њујорк со 99:94. Дури шест кошаркари на маверикси забележаа двоцифрен број поени. Најефикасен меѓу нив беше Џош Хауард со 19, Џејсон Кид постигна 16, Рајт 13, Бас 12, а Новицки и Тери по 10. Предводник на никси беше Духон со 24 коша, веднаш зад него во листата на стрелци беше Чендлер со 20.
Резултати: Далас - Њујорк 99:94, Сан Антонио - Л.А. Клиперс 106:84.
Оклахома се засилува со Еткинс
Играчот на Денвер Нагетс, Чаки Еткинс, ќе го засили тимот на Оклахома Сити Тандер. Во замена за него нагетси ќе го добијат Јохан Петро и право на избор во вториот круг на драфтот во 2009 година. Освен Еткинс тандерси, пак, ќе можат да бираат во првиот драфт круг.
Оклахома (поранешен Сиетл Суперсоникс) е најслабиот тим во НБА лигата сезонава со само пет победи и дури 31 пораз. |