Ѓорче Петров по сламката на спасот во Унгарија
Ана Аморим ја залечи повредата и ќе биде во тимот во утрешниот реванш со Ѓер од ЛШ
Роберт Димитриевски
Иако беше најавуван автобуски превоз до Унгарија, раководството на Ѓорче Петров во последен момент обезбеди авионски лет преку Љубљана до Виена, а од таму со автобус до 130 км оддалечениот Ѓер, што само по себе ја подобри атмосферата пред утрешниот реванш од 17,15 ч. во рамките на групата А од женската ракометна Лига на шампионите. Во екот на најтешката финансиска криза во клупската историја, сепак, се изнајде начин утрово во 5,20 ч. достоинствено да се замине на последното гостување во прелиминарната фаза од ЛШ, а поради авионските врски враќањето е предвидено за ноќта меѓу понеделник и вторник. Оптимизмот кај ракометарките го врати и исплатата на дел од ноемвриската плата.
„Нема револт кај нив поради доцнењето на примањата. Има само зголемено интересирање за судбината на клубот, што е и разбирливо. Последниот тренинг пред заминувањето помина најнормално, а под полна пареа тренираше и Ана Аморим, која по пропуштениот натпревар со Звезда Звенигород поради повредата на глуждот повторно ќе му биде на располагање на тренерот Глигоров. Против Ѓер ќе настапат истите 14 играчи од мечот со Русинките“, рапортира директорот Димитар Тодоровски.
За ѓорчепетровки реваншот со Ѓер е сламката на спасот на евросезоната. Македонскиот првак е „фенерџија“ во групата А со два бода, колку што има и Звезда, но бранителот на европската круна денеска го пречекува Икаст, а во последното коло наредниот викенд и Ѓер, кој со Данките го дели првото место со шест бода. Згора на тоа, Ѓорче Петров е пкус за два гола во меѓусебните дуели со Звезда, па ќе биде подвиг ако ја остави зад себе на табелата и продолжи во Купот на куп-победниците.
Во пресрет на неделната средба во најсилното европско клупско натпреварување Ѓер забележа тешка и тесна победа од 30:28 (14:14) против Алкоа на гостувањето во Секешфехервар во рамките на унгарското првенство. Поранешната најдобра светска ракометарка Анита Гербич со десет гола, од кои пет од седмерец, беше најефикасна во победничката екипа, Анита Хер даде 9 (2), Томори шест, Вертен три и Мравикова и Ковачич по еден.
Токму Гербич со своите 11 гола беше најзаслужна за успешниот старт на Унгарките во ЛШ со победата од 24:21 на крајот од октомври во Скопје. На спротивната страна се издвои Едуарда Аморим со пет погодока. Минатиот викенд тимот на Чаба Конкољ ги изненади сите и со победата од 27:26 на гости кај дотогаш непоразениот Икаст.
Натпреварот Ѓер - Ѓорче Петров ќе го водат полските судии Марек Барановски и Богдан Леманович, кои македонските љубители на ракометот ги памтат по лошата арбитража на мечот со Србија на неодамнешното Европско првенство во Македонија. Делегат е Владимир Вујновиќ од Хрватска. |