Червар селектор ако се најдат пари
Јорданов се врати во УО на РФМ, но не сака сам да биде спонзор на машката селекција
Роберт Димитриевски
Ракометната федерација на Македонија има желба хрватскиот тренер на Металург, Лино Червар, да ја води и македонската машка репрезентацијата, но за нејзиното исполнување во моментов нема доволно пари. Ако потребната финансиска конструкција се затвори за еден месец, тогаш Червар покрај Металург ќе ги води и најдобрите македонски ракометари низ квалификациите за Европското првенство 2012 година во Србија. Во меѓувреме, сегашниот селектор Љубомир Савевски ќе ја предводи репрезентацијата на Трофеј „Карпати“ во Романија и во стартот од квалификациите за ЕП на 27 октомври против Естонија во Кавадарци, и на 31 октомври против Босна и Херцеговина во Сараево.
„Машката репрезентација на Македонија е како репрезентација на РФМ, а не на РМ. Освен членовите на Управниот одбор никој друг не помага па ни државата. Во вакви услови не сме подготвени да го превземеме спонзорството на машката репрезентација. Потребна ни е елементарна поддршка од државата во спротивно се соочуваме со згаснување на спортот и во Скопје, а не само во внатрешноста“, рече Минчо Јорданов, старо-новиот член на УО на РФМ од вчерашната седница на највисокото изврш��о тело на Федерацијата. Покрај него во Управниот одбор се кооптирани и Срѓан Крстиќ од Шпаркасе банк и Зоран Нарашанов од Винер штедише.
„Ако за еден месец ја оформиме потребната финансиска конструкција тогаш Червар сигурно ќе биде селектор на машката репрезентација. За да ја оствариме оваа наша желба ќе се обидеме да привлечеме уште неколку спонзори. Од државата за цела година добивме само 30.000 евра, што не е доволно ни за јуниорките. Најдоцна за десет дена ќе формираме комисии за анализа на состојбите во машката и во женската сениорска селекција. И потоа ќе донесеме конкретни решенија. Од тие причини ја одложуваме точката од дневниот ред во врска со евентуалниот избор на нов селектор на сениорите“, изјави претседателот на РФМ, Михајло Михајловски.
Управниот одбор го верификува изборот на Гино Стрезовски за селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Првиот собир тој го закажа за периодот од 11 до 14 октомври следниот за 25 октомври, односно пред настапот на Трофеј „Карпати“ во Романија, а на 23 ноември ќе почнат завршните подготовки во Дојран или во Гевгелија за квалификацискиот турнир за СП 2011 година во Бразил. Турнирот ќе се одржи во Грција, кандидати се Арта и Верија, а во групата покрај Македонија и Грција се и Азербејџан и Швајцарија. Само првопласираниот тим оди во баражот.Македонија ќе биде ослабена покрај за Наталија Тодоровска уште и за Јулија Портјанко која официјално се откажа од настап во репрезентацијата поради истрошеност на оперираното колено, а Федерацијата доби негативен одговор и од Марина Ламбевска од приватни причини.
На последниот конгрес на Европската ракометна федерација во Данска, Македонија доби два члена во комисиите на ЕХФ. Гордана Нацева-Бошева стана член на Комисијата за национални женски селекции, а Ива Чадиковска во Комисијата за маркетинг, беше речено на вчерашната седница на Управниот одбор на РФМ. |