Брајант без кош во поразот од Минесота
Лејкерси декласирани со 111:92 во претсезонскиот меч одигран во Лондон
НБА-ѕвездата Коби Брајант остана без постигнат кош во понеделникот навечер, кога одигра само шест минути во претсезонскиот натпревар со Минесота во Лондон, кој помладите и погладни „волци“ го добија со високи 111:92. Мартел Вебстер доби шанса од клупата на Минесота и максимално ја искористи со тоа што стана најефикасен поединец на средбата со 24 поени, а неговиот соиграч Мајкл Бизли додаде 21. Ламар Одом ги предводеше Лејкерси во нападот со 17 коша, а Шенон Браун постигна 13.
„Нашите момчиња одиграа добро, но ние не ги водовме најдобрите играчи на Лејкерси вечерва“, изјави тренерот на Минесота, Курт Рембис.
Неговиот колега од спротивниот табор Фил Џексон изјави дека ќе му даде најмногу 15 минути на Брајант во секој од двата меча во Европа неделава, имајќи предвид дека бекот се' уште заздравува од операцијата на коленото по завршувањето на минатата сезона.
Минесота водеше 56:55 на полувремето, но се одлепи во третата четвртина со серија 13:3.
„Минесота изгледаше добро, а ние изгледавме како тукушто да сме се вратиле од одмор“, рече Џексон на прес-конференцијата по натпреварот.
Иако распродадената „О2 арена“ во Лондон беше сведок на неколку акробатски завршени акции, вклучувајќи го и спектакуларното забивање со една рака на центарот на Лејкерси, Пау Гасол, навивачите во текот на целото второ полувреме бараа Брајант да се врати на теренот.
„Сакав да станам и да се вратам на теренот, но во тој момент патиките ми беа собуени, а колената под мраз“, им рече Брајант на новинарите. „Тренерот Рембис од срце ме прегрна и ми заблагодари што не играв“, се пошегува тој.
Лејкерси ќе играат со Барселона во нејзината сала во Шпанија на 7 октомври, а Минесота има закажано дуел со Њујорк во Париз на 6 октомври. Никси го победија Армани Џинс Милано со 125:113 во неделата во првиот од четирите меча на НБА европската претсезонска турнеја. |