Заубер потпиша со Перез за 2011
Мексиканецот Серхио Перез ќе вози за Заубер следната сезона, потврди Ф1-тимот со седиште во Швајцарија, истовремено објавувајќи го новото партнерство со мексиканскиот милијардер Карлос Слим, еден од најбогатите луѓе во светот. Дебитантот Перез ќе му се придружи на Јапонецот Камуи Кобајаши, чијшто договор веќе е продолжен.
Перез беше вицешампион во годинашната ГП2-серија, која е еден вид регрутен центар за возачи во Формула 1. Тој веќе неколку години е спонзориран од „Телмекс“, мексиканска телекомуникациска компанија во сопственост на Слим, со проценета нето вредност од 53,5 милијарди долари, според магазинот „Форбс“.
Заубер, кој се соочи со несигурна иднина кога претходниот сопственик БМВ се повлече од спортот на крајот од минатата сезона, исто така, ќе го има и мексиканскиот тинејџер Естебан Гутиерез како тест-возач и резерва во следната сезона. Болидот, пак, ќе носи големо лого на „Телмекс“ в година.
Последен Мексиканец што возеше во Формула 1 беше Ектор Ребаке за сега непостоечкиот Бребем во 1981 година. Најуспешните возачи од оваа земја беа браќата Родригез, Педро и Рикардо, кои обајцата загинаа во инциденти на или пред мототрки. Педро освои две гран-при трки, со Купер во Јужна Африка 1967 и со БРМ во Белгија 1970, а Рикардо имаше пет настапи за Ферари пред да загине на тренингот пред домашното гран-при во 1962 година.
Мексико има организирано 15 Ф1-трки, последен пат во 1992 година. |