Наместо на одмор, естрадата на тезга
Охрид, Хрватска, но и Бали и Малдиви се дел од посакуваните дестинации. Грција не доаѓа предвид
Јасмина Митковска
Македонската естрада ова лето, наместо да размислува за одмор, договара тезги. Најголемиот дел од познатите фаци ќе го искористат наредниот период за настапи, а во паузата меѓу ангажманите ќе се одмораат. Меѓу посакуваните дестинации се спомнуваат Хрватска, Турција, Шпанија, Бали и Малдиви, додека на домашен терен незаобиколен и оваа сезона ќе биде Охрид.
„Ќе одам на одмор кога ќе најдам слободно време за да не трпи работата на сметка на летувањето“, вели поп-пејачката Каролина Гочева, која летово ќе биде ангажирана со бројни настапи и гостувања во земјите од соседството. Иако се' уште нема план за можната дестинација, таа се надева дека ќе успее за одморот да одвои барем дваесетина дена.
Кристина Арнаудова, иако е преокупирана со плановите поврзани со промоцијата на последниот албум, сепак, летово планира одмор и тоа во вистинска смисла на зборот. „Никогаш досега не сум била во Шпанија, сакам да одам и да ја видам, но не знам кога. Мојот сопруг бил таму неколку пати и е воодушевен од релаксираноста и менталитетот на луѓето, за кој вели дека многу потсетува на нашиот“, додава таа.
И Гаро Јуниор летово ќе го мине работно, засега има закажано десет концерти, од кои два се во Хрватска, па затоа планира токму таму да направи одмор меѓу двата концерта. Вели дека обично оди во Охрид и во Грција, каде што има роднини, но поради моменталната ситуација оваа година нема да оди таму. „Во секој случај, најголемиот број земји каде што ќе имаме концерти излегуваат на море, па така ќе комбинираме работа и одмор“, додава Гаро.
„Не сум размислувал многу за годинешното летување, но се' ќе зависи од финансиите. Ако ништо друго, Охрид и Струга се дестинациите кои сигурно ќе ги посетам. Во секој случај, летово ќе биде работно, работам на мојот албум, на албумот на Бојана Атанасовска, но и на некои други песни“, објаснува Роберт Билбилов.
„Се' уште не се знае точно каде ќе одиме на одмор. Во Охрид настојуваме да одиме во секој слободен момент, а како минатата година, и оваа работно ќе бидеме во Херцег Нови“, открива Влатко Плевнеш од „Силви бенд“. „Таму е многу убаво, па сигурно ќе направиме комбинација од шетање и одмор преку ден, а навечер работно“.
И пејачката Биба Додева летово ќе биде професионално ангажирана, но, сепак, како што вели, ќе настојува да замине на летување барем 10-15 дена. „За дестинацијата обично решавам во последен момент, но сега за сега во план ми се Турција како поегзотична земја или Црна Гора, каде што многу ми се допаѓа. Грција не доаѓа предвид, зашто ако не ме признава некој, не мислам да одам таму и да трошам пари, оваа дестинација ми е последна на листата. Сепак, не е битно каде, најважно е друштвото. Ако си со добро друштво, секаде ќе си поминеш убаво“, вели Додева.
Ѓоко Таневски се' уште нема одлучено каде ќе летува, но вели дека тоа сигурно ќе биде некаде на крајот на август или во почетокот на септември, додека преостанатиот дел од летото ќе го мине работно со бројни настапи низ Македонија.
„Можеби патување на Бали или Малдиви“, вели Верица Пандиловска, која се' уште ги средува впечатоците од неодамнешната свадба.
И поп-пејачката Даниела Димитровска-Дани не ги крие своите желби. „Сакам да летувам некаде далеку и долго. Би сакала да одам на Бали, никогаш не сум била и отсекогаш сум сакала да го посетам ова место, сум гледала многу убави емисии и сум слушала многу позитивни коментари“, вели Дани. Таа за летово има многу работни ангажмани, подготвува нов сингл и албум, во јули работно ќе замине во Словенија, а во август ќе отпатува за Мексико поради кампањата „Stain alive“.
Почнувајќи од 15 јуни до август Адријан Гаџа ќе биде ангажиран со бројни настапи, за кои веќе се преговара, а меѓу кои се и два во Улцињ. „Во текот на работата ќе пронајдеме време и да се одмориме, но нема некои посебни планови за тоа кога и каде да оди на летување“, ни рече неговиот менаџер и татко Емин Гаџа.
„Не се врзувам за една локација, авантурист сум по природа, сакам да патувам и во момент знам да направам нешто неочекувано и интересно, така што и терминот летен одмор не ми значи многу. Летото трае три месеци и во тој период сакам да сум каде било до вода“, објаснува Александра Пилева. Таа се' уште нема одлучено каде ќе се разладува, како што вели, на класичен десетдневен одмор, а одлуката ќе зависи од усогласувањето на бројните настапи, но и од приватните планови.
„Веројатни летни дестинации за нас се Шпанија или Турција, а можеби и Хрватска. Многу добро знаеме какви ни се односите со Грција, а јас сум голем патриот и ги ставам чувствата на прво место, па затоа оваа убава дестинација отпаѓа за ова лето“, вели поп-пејачката Маја Гроздановска-Панчева, која во меѓувреме работи на новиот албум и продолжува со ноќните настапи. |