МАГАЗИН
Тагата и радоста се ќерки од иста мајка
Се видовме со Калиопи непосредно пред промоцијата на новиот албум и нурнавме во море од емоции
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Ако се бара повод, конкретен, со Калиопи, тоа е нејзиниот албум што ќе го има и на хрватскиот и на нашиот пазар.
Новиот материјал, композиции на Калиопи се патување во еден правец - едрата ќе ви бидат сензибилитетот на нашата дива, а бротчето - нејзината препознатлива енергија.
Ве очекува интересно доживување со очи ширум затворени, ќе се соочите со бура, летен дожд, спокој и љубов, исто како и во вистинскиот живот.
Со „Желим ти реќи“ ќе станете побогати и поцврсти како по едно интересно животно искуство.
По трага што одамна ја остави во Хрватска, по многубројните настапи, соло-концерт во Сплит.. беше сосема логично да направиш албум за тој пазар. Но, истиот материјал и' го нудиш и на македонската публика. Дали тамошниот, хрватскиот публикум е попребирлив од нашиот, што сакаат да слушаат, го имаат ли нашиот сензибилитет, или се малку поладни?
- Хрватскиот музички пазар е исклучително затворен и, пред се', ја третира својата домашна музичка сцена. Влезот отстрана им е дозволен само на малкумина кои имаат да понудат нешто поразлично од она што веќе е присутно на тамошниот пазар. Нудејќи ја својата музика на туѓ пазар, не се обидувам да ги задоволувам туѓите сензбилитети, туку да го претставам својот сензибилитет преточен во музичка мисла. Токму албумот „Желим ти реќи“ е потврда на таа моја бескомпромисност.
Албумот е наречен по спомнатата песна, симболично посветена на Тоше. Интересна е твојата поврзаност со него - не даваше изјави додека многумина ја користеа телевизијата за лична презентација, а песната што требаше да ја отпеете во дует е подарок за сестра му Дора. „Желим ти реќи“ ја врзуваш со почетокот на трајното пријателство со Тоше. Ќе ни раскажеш ли нешто за тоа?
- „Желим ти реќи“ е мојата интимна исповед за Тоше и таа не се раскажува. Доволно е само да ја чуете... Во неа ништо не е намерно и ништо не е случајно, токму затоа му е посветена нему. А, песната која требаше да ја отпееме во дует ќе остане нечуена. За неа знаевме само јас и тој. § ја ветив на Дори, но се' уште и' ја немам однесено, во нивната болка се' уште нема место за таков момент.
„Желим ти реќи“ е посветена и на твојот син Пако, на сето она што си сакала, а не си му кажала. Како ја полниш празнината, како го минувате времето кога ќе се видите? И можат ли тагата и радоста да се почувствуваат телепатски?
- Во една своја се' уште необјавена песна запишав дека тагата и радоста се ќерки на една иста мајка. Моите песни го забележуваат сето она што не можам некому да му го доловам со свое присуство и збор. Тие се мојата мисла, а таа најбрзо патува и е посилна од се'. Се' останато е само молк.
Албумот е надоен со меланхолија и тага. Дали е тоа поради фактот дека втората половина на животот, поради фактот за минливоста на нештата е потажна од првата?
- Напротив, овој албум третира се', само не тагата по загубеното или неоствареното. Особено кога зад него стои човек (мислам на себе си), кој втората половина на својот живот ја доживува како свое повторно раѓање. Во овој албум дури и тагата е со нота на надеж, меланхолијата е со широка насмевка, а препуштањето во рацете на судбината е посмело од кога било.
Покрај биографските песни, имаш и песни кои не се со твој потпис. Колку доверба треба човек да има за да може да го отпее со чувства она што не излегло од неговото срце?
- Тоа што некој друг ја напишал песната не значи дека песната не е моја. Фасцинантен е моментот кога некој друг ќе допре до твојот внатрешен свет, намерно или ненамерно. И „Бато“ не е песна што ја напишав јас, но секогаш луѓето ја идентификуваат со мене. „Црне руже“ и „Бар да си ту“ се двете песни за кои музиката ја напиша Дарко Димитров, човекот со кого соработувам од 2001 година наваму и кој седум години наназад ја обликува мојата авторска музика. Со него, освен професионалното, не' врзува и длабоко пријателство и меѓусебно препознавање, така што не е воопшто чудно што по толку време му се случија две песни кои допреа длабоко во мене.
Колку ти особено се разликуваш и креативно, и творечки и интимно од последниот албум? Покрај женско четиво, има и женски албум, натопен со емоции, нешто што може да те крене, да те разбранува.... Од кога е тоа само привилегија на жените?
- Тоа што сум жена не значи дека во животот секогаш ми било дозволено да чувствувам, да се однесувам и да размислувам како жена. Колку ли пати само машки сум требала да се справам со многу предизвици, искушенија и одлуки. Не го двојам женскиот од машкиот свет, но знам да ги разликувам и да ги препознавам во своите и во туѓите однесувања и постапки. Овој албум говори токму за тоа, а жените ќе ја имаат главната улога да ја пренесат оваа негова порака.
На албумот го имаш и дуетот со Олгица Христовска. И со неа имаш интересна приказна врзана за цутењето на вашето пријателство. Постои ли тајминг, одредено време кога некои луѓе ги пуштаме во своите животи?
- Да, но тоа не го одредуваме ние, туку нашите животи. Колку сме подоследни и похрабри толку побрзо ни се случуваат вистинските луѓе и пријателства. Тајмингот е премногу важна работа и тој е судбински предодреден. Останатото е само имање или немање мудрост да го препознаеме тоа. Овој наш дует е само огледало на нашето пријателство.
Кога се планира промоцијата на албумот? Претпоставувам ќе биде тоа приказна што ќе ја отсликува Калиопи?
- Промоцијата ќе биде во септември, иако албумот уште во јули ќе се најде во нашите музички продавници. Промоцијата е конципирана како перформанс што ќе се случи во Музејот на современата уметност во Скопје и кој покрај за официјалните гости, ќе биде отворен и за сите љубители и почитувачи на мојата музика.
Има ли љубовта рок на траење и инспирација за творење? Како патувате со Васил и според што се разликува вашиот брак, оквалификуван како „уметнички“, од другите?
- Ако можеш да се огледаш во сопствената љубов кон другиот, не размислуваш на никакви рокови. Секогаш имаме можност да го направиме сопствениот избор, а дали ќе бидеме среќни или не зависи само од нас. Другите влегуваат во нашите животи, а ние во туѓите со однапред определена мисија. Единствено што останува е сознанието дали сме успеале или не во остварувањето на таа мисија и токму таа искреност не' разликува од другите.
Му се радуваш ли на летото, го има ли ова годишно време твојот сензибилитет и каде ќе го поминете летниот одмор?
- Не е важно каде, важно е само дека лето е ...
|