Грчката криза им се заканува на економиите на уште пет држави
Луксембург смета дека Германија „си игра со оган“ со планот да инволвира приватни кредитори во решавањето на кризата
АТИНА - Должничката криза во Грција ги загрозува економиите на најмалку пет други земји-членки на ЕУ, предупреди првиот човек на групата министри за финансии во еврозоната. Премиерот на Луксембург, Жан Клод Јункер, изјави дека Германија „си игра со оган“ со планот да инволвира приватни кредитори во решавањето на кризата. Неговите коментари дојдоа во време кога се подготвува состанокот во Луксембург. Се очекува тие да постигнат согласност за доделување заем од 12 милијарди евра, според вонредниот план за спасување на ММФ и на ЕУ.
На Грција и' е потребен овој заем за да избегне неисплаќање на долговите што доаѓаат за наплата во следните неколку месеци. Меѓутоа, тој е условен со тоа владата да имплементира серија болни домашни реформи што предизвикаа штрајкови низ цела земја, собири и насилни безредија по улиците на главниот град.
Германс��ата канцеларка Ангела Меркел изјави дека приватни инвеститори ќе бидат охрабрени да понесат дел од товарот на грчкиот долг со тоа што ќе и' овозможат на земјата дополнително време за да ги исплати. Меркел и францускиот претседател Никола Саркози нагласија дека таквото инволвирање би било доброволно, но оти приватните кредитори треба „да покажат солидарност“. Но, во саботата Јункер изјави за германскиот весник „Зидојче цајтунг“ дека овој предлог е „играње со оган“, бидејќи ќе испрати погрешен сигнал до рејтинг-агенциите што потоа би можеле да одлучат дека Грција не ги наплатува своите долгови.
Ако Грција не ги исполнува обврските, трошоците од зајмувањето ќе се зголемат за други проблематични земји во еврозоната, принудувајќи ги како одговор на тоа да не ги исполнуваат обврските. Јункер изјави дека доколку не биде соодветно менаџирана, тогаш „би можело кризата да се покаже како заразна за Португалија и за Ирска, а потоа, исто така, за Белгија и за Италија поради нивниот голем должнички товар, дури и пред Шпанија“. Тој изјави дека предлогот на Меркел се темели на „домашни политички размислувања во Германија“.
Министрите за финансии од земјите на еврозоната требаше вчера, во текот на денот, да се состанат во Луксембург, каде што речиси сигурно ќе дадат согласност за следниот заем во вредност од 12 милијарди евра, кој веќе и' е ветен на Грција, како и за тоа дека ќе разговараат за втор пакет за санација.
Илјадници демонстранти во саботата маршираа накај грчкиот парламент за да го покажат својот континуиран бес спрема кампањата за штедење на премиерот Јоргос Папандреу. (Би-Би-Си) |