САД се вклучени во преговорите со талибанците
Авганистанскиот претседател Карзаи потврди дека Америка е инволвирана во мировните разговори
КАБУЛ - САД се вклучени во разговорите со талибанците, изјави авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во првата потврда од највисоко ниво за американска инволвираност. Карзаи изјави дека „странска армија и особено САД“ се инволвирани во мировните разговори со групата. Неколку часа подоцна бомбаши-самоубијци нападнаа полициска станица во Кабул при што загинаа девет лица.
Во почетокот на јуни американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, изјави дека би можело да има политички разговори со талибанците до крајот на оваа година. САД ќе почнат со повлекување на своите 97.000 војници од Авганистан во јуни. Цел е постепено да се предадат сите безбедносни операции во рацете на авганистанските безбедносни сили до 2014 година. „Во текот на оваа година имаше мировни разговори со талибанците и со наши сонародници“, изјави Карзаи во саботата на прес-конференцијата во Кабул. „Мировните разговори се п��чнати со нив и се' се одвива во најдобар ред. Странските армии, особено САД, продолжуваат со овие преговори“.
Тој не откри детали за тоа дали во дискусиите биле инволвирани талибански официјални претставници со американските власти или посредници. Кратко време по оваа објава одреден број бомбаши-самоубијци нападнаа полициска станица во близина на Министерството за финансии во главниот град на Авганистан. Министерството за внатрешни работи соопшти дека станува збор за тројца бомбаши, но други официјални лица наведоа дека биле четворица. Талибанците соопштија дека тие го извеле нападот. Авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека се убиени девет лица. (Би-Би-Си) |