НАТО ќе истражува дали погодиле цивилни цели во Либија
Вчера се убиени седуммина цивили во воздушните напади на Алијансата
ТРИПОЛИ – НАТО започна истрага околу тврдењата на Триполи дека ракетирале станбен дел од градот при што загинале цивили. Притоа Алијансата соопшти дека нејзините ракети успешно ја погодиле целта, иако претходно беше признаена грешка во нивното целење. Ако се потврди дека авионите на НАТО навистина бомбардирале цивилни цели по грешка, ќе се постават сериозни прашања во врска со спроведувањето на воената кампања во Либија.
Либиски официјални лица изјавија дека седуммина цивили се убиени во воздушните напади на НАТО во источниот дел на Триполи, во неделата, во раните утрински часови. Официјални претставници на власта, ги однесоа новинарите до резиденцијалната област во населбата Арада и беа сведоци на извлекувањето тела од урнатините на една уништена зграда. „Има промислено и намерно гаѓање на цивилни куќи“, изјави заменик-министерот за надворешни работи, Калед Каим, пред новинарите. „Ова е уште ед��н знак за бруталноста на Запад“. На местото имаше купови урнатини и парчиња уништен бетон, каде што голема толпа луѓе, која се покажа дека се локални жители, помагаше во расчистувањето.
Во локалната болница им беа покажани три тела на новинарите, вклучувајќи и едно дете, за кои владини официјални претставници посочија дека се убиени при воздушен напад. На новинарите им беше покажано и повредено дете. „Во основа, ова е уште една ноќ на убиства, терор и ужас во Триполи предизвикана од НАТО“, изјави портпаролот на владата, Муса Ибрахим, пред новинарите во болницата. Пет семејства живееја во зградата што беше погодена, додаде тој.
Веднаш не можеше да биде потврдено дали трите тела се од уништената зграда во Арада, населба во областа Соук ал Џума, која е позната по тоа што жителите немаат симпатии за Гадафи. Ако биде потврдено, инцидентот ќе биде удар за кампањата на НАТО, која им помага на бунтовниците да се борат против владата на Моамер Гадафи во време кога западната Алијанса дебатира околу тоа како да ја одржи својата мисија.
Новинарите успеаја да дојдат до местото по околу еден и пол час откако се слушнаа експлозии. Во претходни случаи, кога новинарите ги носеа да ги видат новите воздушни напади, од урнатините на погодените згради се' уште се креваше чад. Сега немаше чад.
Пред две недели официјални претставници на либиските власти беа обвинети од вработен во истата болница, во белешка испратена до новинарите, за погрешно претставување на дете повредено во сообраќајна несреќа како жртва на напад од силите на НАТО. Инцидентот во неделата се случи само 24 часа откако либиските власти го обвинија НАТО за експлицитно гаѓање цивили. (Ројтерс) |