Тетово
Половина година со редукции
ТЕТОВО - Богатството на планините со вода не секогаш е гаранција за редовно снабдување на градовите што се во близина. Таков е примерот со Тетово. Шара е богата со вода, но 70.000 тетовци со децении чувствуваат недостиг. Најмалку половина година се соочени со редукции од по неколку часа во текот на денот и ноќта. Околу 15.000 жители на повисоките катови од зградите или реони во Тетово, како што се Колтук, Два Бреста, Певчина, Поток, подолго време во текот денот немаат вода отколку што имаат за пиење.
Има неколку причини за оваа состојба - нереализиран проект за зафат на нови извори, злоупотреба на водата, приклучување на неколку села кон градскиот водовод.
Проектот за зафат на 200 литри вода од Лешница на Шар Планина е стар речиси две децении. Пред осум години беа одобрени и исплатени 2,5 милиони евра од продажбата на „Телеком“, со договор за „клуч на рака“. Но, изведувачот затаи, парите некаде се прелеаја, а Тетово остана без вода. Сега овој проект повторно почна со реализација. За годинава беа одобрени 35 милиони денари, но останаа само 15 милиони денари. Малку е изработено на трасата од 13,5 км за цевководот до постојниот систем кај Лисец. Тоа потврдува дека тетовци уште долго ќе имаат проблеми со водата. (Г.Е.)
|