Скопјани 600 л, парижани 200 л
Скопјани пијат најквалитетна вода, но не ја штедат. Анализите покажуваат дека во одредени периоди од годината секој скопјанец дневно трошел 600 литри вода. Тоа е двојно повеќе од она што го трошат жителите на Париз или на Лондон, чија дневна потрошувачка се сведува од 200 до 250 литри. Енормно трошење вода, речиси илјада литри на жител, неодамна беше регистрирано во скопската општина Сарај. Таму беа констатирани злоупотреби на системот за водоснабдување. Тоа предизвикаа прекин во нормалното водоснабдување на тамошните жители. Затоа се случи протест, а жителите на Сарај побараа од надлежните да ги откријат и да ги прекинат дивите приклучоци на несовесните сограѓани, кои ги наводнуваат нивите со вода од градскиот водовод.
Скопјани пијат најздрава вода, тврдат од Центарот за санитарна контрола и надзор во ЈП „Водовод и канализација“. Изворот Рашче преку своите каптажи произведува 3,5 кубици вода во секунда, што се доволни за потребите на Скопје. Само во услови на долги сушни летни периоди и високи тропски температури се активираат и четирите бунари, два во Нерези и два од Лепенец. (Сн.К.) |