Штип
Стари цевки - многу проблеми
Иван Бојаџиски
ШТИП - Берово доби нова пречистителна станица, а градоначалникот Драги Наџински од Советот на општината побара да прифати зголемување на цената на водата за 30 проценти. Светиниколци од неодамна пијат вода за која плаќаат 28 денари за кубен метар, што е зголемување за десет денари. Советот на општина Кочани се согласи со барањето на јавното комунално претпријатие „Водовод“ за зголемување на цената на водата за 17,8 проценти, со што на сметките за вода во графата „цена за кубен метар“ наместо 26,50 денари ќе стои сумата од 31,50.
Штипскиот градоначалник Зоран Алексов смета дека цената на водата мора да биде зголемена. Само во рударскиот град Пробиштип не се размислува за зголемување на цената. Се' до одлуката на Советот на Кочани во Пробиштип се пиеше најскапа вода во регионот, односно 29,5 денари за кубен метар. Виница пие најевтина вода, кубикот чини 15,50 денари.
Сите градови во источна Македонија имаат стари водоводни системи во кои загубата на скапа вода достигнува и до 63 проценти. Таков е случајот со Штип.
„Реалната цена на кубен метар вода е 48 денари, а не 26,5 колку што е сега. Решенија ќе бараме и во реконструкцијата на застарената водоводна мрежа. Во таа смисла ќе ја обновиме идејата за пренамена на 1,5 милиони евра од месниот самопридонес за изград��а на брана на Отиња“, вели Алексов.
Во Кочани тврдат дека начинот на експлоатација е клучниот фактор што најмногу влијае на цената на водата.
„Секоја година се зголемува цената на струјата. Немавме друго решение освен да интервенираме во цената на водата“, вели Љупчо Папазов, директор на ЈКП „Водовод“.
Светиниколци пијат чиста вода од регионалниот систем „Злетовица“ и од новите бунари кај месноста Дивјак. Марјан Станојковски, директор на комуналното претпријатие, вели дека во иднина ќе се знае каква цена ќе плаќаат светиниколци, кога „Злетовица“ ќе одлучи за цената по која на шест општини ќе им ја испорачува водата.
|