Македонија безмилосно ја троши водата
Македонија е на трето место во Европа на листата на земјите што трошат најнерационално вода. Пред нас се само Кипар и Бугарија
Катица Чангова
Водата е темел на животот и основна состојка на секое суштество. Ако го загубиме овој извор, тогаш ќе престане животот. Се' почестите предупредувања дека се ближиме кон времето кога потребите од вода ќе ги надминат резервите како да не допираат во свеста на луѓето. Но, во светот веќе се случуваат промени што најавуваат дека многу скоро народите ќе бијат битки за вода, која ќе стане најскапоцената течност. Последиците од глобалното затоплување се видливи. Климатските услови се поинакви. Температурите се зголемија, а врнежите се намалија. Водата испарува, штедроста стагнира, а паѓа и нивото на подземните води.
Во ваква ситуација неизбежно се поставува прашањето дали Македонија има воден потенцијал за наредните децении? Дали уште отсега треба да стравуваме дека ќе мораме да увезуваме вода? Македонија е меѓу земјите што имаат своја вода, но со неискористени потенцијали. Постојат планински подрачја и изворишта, кои со добра експлоатација навистина можат да се стават на располагање. Но, кај нас ништо не се прави како што треба.
Како е можно Попова Шапка во својата утроба да има цели езера вода, а Тетово по половина година да има редукции и суви чешми по неколку часа во текот на денот и ноќта. Изворите Вруток во близина на Гостивар бликаат од вода, ама жителите на ова подрачје страдаат за квалитетна вода. По неколку месеци во годината водата е заматена и неупотреблива, ниту за пиење ниту за готвење. Апсурдна е ситуацијата во Преспа, која лежи на вода, да нема вода за пиење.
На Македонија и' треба катастар на подземни води. Свети Николе е една од првите општини што сигурно ќе го реши проблемот со длабински подземни води и квалитетни води за пиење. Берово дури сега доби пречистителна станица. За здрав развој на населението се неопходни инвестициски вложувања. На децата и на луѓето им е потребна здрава вода за пиење. Не смее во ова подрачје водата да биде проблем на врвот како во третиот свет. Потребна е стратегија за водоснабдување.
Некои луѓе сметаат дека водата е дадена од Господ и дека е бесплатна. Но, некој мора да ја собере, да ја акумулира, да ја стави во цевки и да ја донесе до корисниците, а за тоа мора да се плати.
Во Европа најнерационално трошат вода Кипар и Бугарија, а Македонија се наоѓа на третото место. Потоа следуваат Италија, Шпанија и Малта со најлош индекс на потрошувачка на вода. Секој Европеец годишно троши 5.300 кубни метри вода, доволно да се наполнат два олимписки базена.
Во Македонија редовно се губат големи количества вода што минуваат низ цевките. Причини има повеќе. Системите за водоснабдување се стари, металните и азбестните цевки, исто така. Згора на тоа, стана практика да се краде вода со диви приклучоци. Сликата станува целосна кога на сето тоа ќе се додаде нашето расфрлање со вода како да ја имаме во изобилство.
Просечно при дистрибуција во системите низ Македонија мистериозно исчезнуваат повеќе од 50 проценти вода. Анализите покажале дека нема град каде што не се случува ова.
Скопје троши два-три пати повеќе вода од другите светски метрополи. Главниот град е шампион и во загубата на вода со 57 проценти. Во Виена загубата изнесува 12 отсто, Лондон 19, Париз 20, Рим 25, Стокхолм 21, Белград 20, Загреб 23, Љубљана 31, Подгорица 20, Софија 27, Атина 23, Цирих 10 и Хамбург 4 проценти. Се цени дека 28 отсто од загубите на вода во Скопје е поради технички или физички загуби, а другите 29 отсто се комерцијални загуби. Во Кавадарци и во Неготино загубата на вода е околу 60 проценти, во Штип 63 отсто, во Куманово, Тетово, Кочани, Струмица 40 отсто...
Чистата вода бескруполозно се троши за наводнување земјоделски површини и за полевање паркови. Таа вода никој не ја плаќа. Јавните комунални претпријатија не ги читаат водомерите. А во други земји на секој испуст за вода има водомер. За да се намалат штетите од нерационалното користење на водата, експертите предлагаат мерки за брзо реконструирање на водоводните мрежи што бара милиони евра. Со досега инвестираното и планираното за иднина на Штип ќе му требаат 8-9 милиони евра, на Тетово 5-6 милиони, на Кавадарци 2-3 милиони, на Неготино 3 милиони, на Кочани 2 милиона евра... Можеби инвестициите се големи, но колку порано се направат, толку водата ќе чини поевтино.
Водата во градовите во изминатиот период поскапе, а населението бурно реагираше. Кочани пие најскапа вода, 31,50 денари од кубик. Во тој поглед не заостануваат ниту скопјани на кои во графата „кубик вода“ се запишани 29,39 денари.
И Пробиштип високо котира на таа листа, со 29,5 денари, но и Свети Николе со 28 денари. Жителите на Виница пијат најевтина вода, плаќајќи 15,5 денари од кубик. Комуналното претпријатие „Водовод“ од почетокот на годинава им испорача на битолчани непријатно изненадување, покачување на водата од фантастични 117 проценти, или 30,25 денари од кубик. Откако ја плаќаа осум месец, стигна намалување од 20 отсто, односно сега кубикот е 24,25 денари.
На едно семејство што живее во куќа во летниот период му се потребни десетина кубни метри месечно, а на тие во станови по пет кубици. Ова значи дека и кочанчани, кои ја пијат најскапата вода во источниот дел од државата, треба да одвојат од 200 до 300 денари месечно, сума што, и покрај сиромаштијата и нискиот стандард, не е преголема за семејниот буџет. Во Виница жителите на станбена зграда по домаќинство за вода треба да издвојат по околу 100 до 200 денари. Дали водата се' уште е толку евтина, што населението не ја смета за драгоцена па ја троши во огромни количества?
Од големо значење е рационалната употреба на водата во земјоделството. И тоа со користење штедливи и ефикасни системи, како што е „капка по капка“. Потоа искористува��е на третираните отпадни води во индустријата, земјоделството, парковите и урбаното зеленило. Конзервацијата на водата, како во домовите, така во индустријата и земјоделството да стане приоритет. Важно е зголемување на нивото на образованието кај населението за важноста, методите и значењето на конзервираната вода. Исто така мора да се формира јасна структура на цената на водата, каде што јасно ќе се знае колкав дел од цената се однесува на трошоците за нејзино зафаќање, третирање, дистрибуција, експлоатација, квалитет, еколошки аспект.
|