Гостивар
Водата често се заматува
ГОСТИВАР - Водата од гостиварскиот водовод често се заматува. Во одредени периоди од годината кои траат по неколку месеци жителите се принудени да полнат вода од бунари и од селски чешми или да купуваат флаширана вода од маркетите. Речиси четири месеци, од март до јули годинава, имаше забрана за употреба на водата по хаваријата што се случи на изворите на реката Вардар.
Полоша беше ситуацијата во 2006 година. Тогаш гостиварци не можеа да ја користат водата половина година, од април до октомври. Проблеми со матна вода имаше во јули 1986 и во ноември 1961 година. Во двата случаја беше утврдено дека причина за проблемите е понирањето на водата од Мавровското Езеро.
Д-р Иванка Наумческа од Центарот за јавно здравје Тетово - подрачна единица Гостивар, објаснува дека матноста на водата е природна појава и не може никако да се спречи, а дека се зголемува над дозволените вредности по обилни врнежи или по топење на снегот од планините.
„Гостивар е меѓу ретките градови што се снабдува со вода за пиење директно од извориште. Единствено решение е изградба на филтер-станица. Се' дотогаш гостиварци ќе имаат проблеми со водата“, вели д-р Наумческа. (К.К.) |