Бомбашки напад врз болница во Пакистан
КУЕТА – Бомбаш-самоубиец вчера уби десет лица, вклучувајќи и телевизиски новинар и високи официјални претставници на полицијата, како што се верува, во секташки напад на болница во југозападниот пакистански град Куета. Еден парламентарец од поранешната владејачка Пакистанска народна партија беше меѓу големиот број жртви во нападот пред одделението за итна помош во болницата во Куета, главен град на провинцијата Балучистан, изјавија официјални лица. „Десет лица, вклучувајќи и двајца високи официјални претставници на полицијата, се меѓу загинатите во нападот во кој се повредени 47 други лица“, изјави пред новинарите Рехматула Нијази, началник на локалната полиција.
Камерман на приватниот ТВ-канал Самаа е меѓу загинатите, а петмина други новинари се здобија со повреди. Тие се наоѓале во болницата за да информираат за пристигнувањето на телото на еден шиит убиен во претходната престрелка во текот на денот. Друг висок официјален претставник на полицијата изјави дека станува збор за самоубиствен напад и оти е пронајдена откината глава на местото на настанот. Не е потврдено дали станува збор за главата на бомбашот. Официјалното лице изјави дека постојат индиции дека станува збор за секташки напад против шиити. Полицијата соопшти дека во бомбашкиот напад биле употребени 15 килограми експлозив. (Ројтерс)
|