Пилотите на Качињски знаеле дека ќе се урнат
Аудиозаписот покажал дека пилотите не биле под притисок од претседателот да го преземат ризикот и да го слетаат леталото
Аудиозаписот од црната кутија од полскиот авион што се урна во Русија покажува дека пилотите знаеле дека ќе се урнат, изјавија полски официјални лица. Полскиот јавен обвинител, Анджеј Серемет, изјави дека екипажот знаел оти катастрофата е „неизбежна“, откако авионот удрил во крошни од дрвја. Руски извор изјави дека аудиозаписот покажал дека пилотите не биле под притисок од нивните ВИП-патници да го преземат ризикот и тука да го слетаат леталото. Полскиот претседател и голем број високи официјални лица загинаа во несреќата што се случи минатата сабота.
Руските иследници што работат заедно со своите полски колеги, кратко време по несреќата изјавија дека пилотите на авионот во неколку наврати ги занемариле повторените предупредувања од руските контролори на летање да слетаат на алтернативен аеродром поради густата магла во Смоленск. Некои сугерираат дека екипажот бил под притисок да го слета леталото без оглед на временските околности, бидејќи ги превезувале патниците на комеморација во Катин, каде што тајната полиција на Сталин изврши масакр врз полски офицери за време на Втората светска војна.
Анонимен извор, близок до истрагата во Москва, за руската агенција Интерфакс во четвртокот изјави дека не се откриени докази во записите за летот што покажуваат дека „некој од значајните патници во авионот ги принудил пилотите да слетаат во близина на Смоленск“. „Анализата на податоци од црните кутии покажува дека станува збор за пилотска грешка што беше причина за несреќата“, додава изворот.
Јавниот воен обвинител на Полска, Кжиштоф Парулски, го отфрла рускиот извештај како шпекулација и предупреди дека е премногу рано да се извлекуваат некакви заклучоци, бидејќи истрагата се' уште е во тек. Серемет од своја страна, пак, за Полското Радио изјави: „Екипажот бил свесен за неизбежноста од претстојната катастрофа, бидејќи авионот почнал да се тресе откако крилата удриле во дрвјата, за што сме сигурни дека се случило“.
Полковникот Збигњев Жепа, полски воен обвинител, изјави дека пилотите биле свесни за неизбежниот пад, бидејќи последните секунди од аудиозаписите „биле драматични“. Тој не откри други детали за ова. Една од трите црни кутии во полскиот владин авион „ТУ-154“ од советско производство е вратена во Полска, додека другите две се преслушуваат во Москва, изјави Јиржи Артимиак, портпарол на полскиот обвинител. Артимиак изјави дека иследниците се надеваа де��а официјално ќе ја обелоденат содржината на црните кутии в четврток, но ќе почекаат до извршувањето на погребните церемонии закажани за викендов.
Во Полска, во која е прогласена еднонеделна жалост, во четвртокот пристигнаа останките и од 35 други жртви, вклучувајќи ги и оние на Ришард Качоровски, последниот лидер на полската влада во егзил за време на комунистичкото владеење. Вкупно 67 од 96 жртви се вратени во земјата од Русија. Повеќето од останките, за кој се верува дека се сериозно обезличени и изгорени, се испратени во Москва на идентификација кратко време по несреќата во западниот регион на Смоленск.
Качињски и неговата сопруга со сите државни почести ќе бидат погребани утре во Краков, каде што се очекува да присуствуваат и многу светски лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател, Барак Обама. Меѓутоа, Полјаците се поделени околу тоа дали покојниот претседател, чиј рејтинг бележеше остар пад, тре��а да биде погребан во катедралата Вавел во Краков, место што традиционално е резервирано за кралеви и херои на Полска. (Би-Би-Си) |