Медведев и нуди нуклеарки на Аргентина
Дмитриј Медведев престојуваше во Буенос Аирес на покана од претседателката Кристина Фернандез де Киршнер
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Претседателот на Русија Дмитриј Медведев, кој во четвртокот престојуваше во Буенос Аирес на покана од претседателката Кристина Фернандез де Киршнер, ја искористи можноста да лобира за интересите на руските производители, пред се', на државната корпорација „Росатом“. Медведев изјави дека изградбата на атомски централи што ја нуди Русија автоматски повлекува со себе отворање на нови работни места, како и ангажирање на домашни компании. „Доаѓањето на ’Росатом‘ во Аргентина би повлекло инвестиции од неколку милијарди долари за изградба на реактори, , исто така, и за правење на потребната инфраструктура. На тој начин се развива не само енергетиката, туку се создаваат и нови бизнис-проекти, а се развива и бизнис-средината. Ние нудиме значаен дел од тие работи да ги изведуваат аргентински компании“, објасни Дмитриј Медведев.
Претседателката на Аргентина, Киршнер, изјави дека нејзината земја им се враќа на програмите за атомска енергија што ги напушти во 90-тите години од минатиот век.
Претседателот на „Росатом“, Сергеј Кириенко, вели дека руските експерти ги претставија своите можности, а сега раководството на Аргентина треба да одлучи кому ќе му ја довери изградбата на атомските централи. Цената на руските реактори е околу 4,5 милијарди долари, а Аргентина планира да изгради два реактора.
За време на престојот Медведев со домаќините потпиша повеќе од десет документи. Освен тоа, претставниците на Аргентина и на Русија го прифатија заедничкото соопштение за 200-годишнината од Мајската револуција и 125-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи.
|