Русија не им дава повеќе деца на Американците
Русија соопшти дека ќе ги запре посвојувањата на руски деца од страна на американски државјани, откако едно седумгодишно момче беше само вратено во Москва со писмо околу вратот упатено до руските власти, од мајка му, Американка, која претходно го посвои. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека замрзнувањето на овие активности ќе важи додека не биде потпишан билатерален договор за посвојување. Меѓутоа, американскиот Стејт департмент соопшти дека од руската амбасада во САД им било кажано дека нема таква суспензија и бараат објаснување од Москва. САД планираат следната недела да испратат делегација во Москва каде што ќе дискутираат за инцидентот.
Минатата недела меѓународната заедница бурно реагираше кога мајката-посвојувач, медицинска сестра, го испрати руското момче само со билет за еден правец за Москва. Таа со него испрати и писмо во кое вели дека момчето има психолошки проблеми. На писмото пишуваше, „До сите засегнати“. „Ова дете е ментално нестабилно. Тоа е насилно и има сериозни психопатски проблеми. Бев излажана и доведена во заблуда од страна на вработените во сиропиталиштето и директорот, во врска со неговата ментална стабилност и други прашања“.
Тори Хансен (33), наводно, го посвоила момчето од далекуисточниот руски град Партизанск во септември минатата година.
Американскиот Стејт департмент прави подготовки за делегација на високо ниво да ја посети Москва следната недела каде што ќе дискутираат за можноста за постигнување билатерален договор за посвојување. Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Андреј Нестеренко, на еден ТВ-брифинг изјави: „Русија верува дека само таков договор... ќе осигури дека неодамнешните трагедии во САД нема да се повторат“.
Русите се бесни поради тоа што нема поведено никаков обвинителен акт, додека американските власти ги истражуваат тврдењата за злоупотреба и напуштање дете. Шерифот од Тенеси на конференцијата за печат на почетокот од оваа недела изјави дека адвокатот на Хансен рекол дека таа нема да разговара со властите доколку не биде обвинета.
Семејството што го посвои детето во четвртокот минатата недела ангажирал возач во Москва за да го однесе детето од аеродромот до руското Министерството за образование. (Би-Би-Си) |