Соња Ганди на операција во САД
ЊУ ДЕЛХИ – Соња Ганди, лидерката на владејачката Конгресна партија во Индија и најмоќниот политичар во земјата, е подложена на хируршка интервенција во САД, изјави вчера портпаролот на партијата. Ганди, најверојатно, ќе отсуствува од јавниот живот две-три недели. Од партијата не информираа за каква болест се работи.
„Таа е подложена на операција и нејзината состојба е задоволителна“, изјави Џанардан Двиведи, генерален секретар на партијата, пред новинарите.
Ганди (64) е водечка фигура во семејната династија што управуваше со земјата во поголемиот дел од независноста на Индија.
Четиричлена комисија, во која е вклучен и нејзиниот син Рахул, кој се смета за „премиер во чекање“, е именувана да ги води политичките работи во нејзино отсуство.
Нејзиното отсуство и несигурноста околу ефектот на нејзината болест би можеле дополнително да ја влошат ситуацијата за Конгресната партија, која се справува со многу корупциски скандали и висока инфлација. (Ројтерс) |