Најскапата куќа на светот – дивоградба
Најбогатиот човек во Индија, Мукеш Амбани, би можел да ја загуби својата куќа од 27 ката, за која се верува дека е најскапа во светот, бидејќи земјиштето на кое е изградена, како што се тврди, е купено на незаконски начин.
Министрите тврдат дека плацот на кој е изградено ова луксузно здание, вредно 650 милиони евра, бил резервиран за образование на муслимански деца, па сега Амбани ќе мора да се соочи со федерална истрага. Доколку го извлече подебелиот крај, тој би можел да се соочи со парична и затворска казна, па дури и со уривање на кулата.
Земјиштето за кое станува збор во 2002 година за преку три милиони евра му го предал трустот за грижа за сирачиња „Каримбој Ебрахим Коџа“, а продажбата ја одобри комесарот за хуманитарни дејности на Мумбај. Министерот за прашања за малцинствата, Мохамед Ариф Несем Кан, тврди дека спогодбата не ја одобрил одборот на сојузната држава Махарашта, кој сега покрена акција да го поврати плацот.
Мукеш Амбани, кој се наоѓа на чело на компанијата „Релајанс индустри“ и е деветтиот најбогат човек на светот според листата на „Форбс“, со вкупно богатство кое се проценува на околу 18 милијарди евра, минатата година во оваа кула висока 157 метри ги всели сопругата и децата.
Зградата наречена „Анталија“ има три хелиодроми, шест ката паркинг-простор, сала за балови, неколку базени за пливање и кино со 50 места за седење.
Во Индија не се ретки вакви спорни продажби, особено во големите градови каков што е Мумбај, во кои владее недостиг од градежно земјиште, а споровите околу оваа траат уште од 2004 година. Лидерот на опозицијата во парламентот тврди дека спорниот плац, всушност, вреди пет милијарди рупии, додека самиот Амбани смета дека спорот, всушност, постои меѓу сиропиталиштето и државната управа, додека неговата компанија нема никаква врска со тоа. (Блиц) |