Црногорките ја запреа забревтаната Данска
Црна Гора и' го нанесе првиот пораз на домаќинот Данска, совладувајќи ја со 30:29 во последното коло во групата 1 од втората фаза на Европското првенство, што на дебитантот му донесе натпревар за петтото место против Франција денеска од 11,30 ч. во Хернинг. Денешниот претпоследен ден на 9. ЕП ќе ги донесе и полуфиналните пресметки, во кои прво ќе се сретнат Романија и Шведска, а по нив ќе се судрат соорганизаторите Данска и Норвешка.
Со оглед на тоа што четирите полуфиналисти веќе беа познати, поразите на фаворитите во последното коло и не се толку изненадувачки. Покрај Данките, кои беа единствените непоразени до прексиноќа, луксузот да изгубат, и тоа катастрофално, си го дозволија и Романките, кои беа „прегазени“ од светскиот првак Русија со дури 35:20, а Шпанија беше совладана од Хрватска со 23:22.
Данска во 7 минута од мечот со Црна Гора имаше водство од 6:1, на полувреме замина со предност од 18:14, но седум минути по почетокот на вториот дел резултатот беше 19:19. Во 41 мин. четата на Драган Аџиќ прв пат поведе, во финишот влезе со два гола разлика и не ја испушти историската шанса да слави над бившиот шампион.
Романскиот селектор Раду Воина реши против Русија да ги одмори своите клучни играчи Кристина Неагу, Јонела Станка и Оана Манеа. Последиците беа видливи веќе во 15 мин., кога избраничките на Евгениј Трефилов водеа со 11:5, шест минути подоцна имаа 17:7, во почетокот на второто полувреме и 24:10, за средбата да ја завршат со +15. Слаба утеха за еден од фаворитите за медал.
Со победа се простија и Хрватките, кои можат да се пофалат со скалпот на освојувачот на сребрениот медал од ЕП 2008 во Македонија. |